БитолаНаТочак: Автоцентрична или Зелена Битола?

Повеќето знаеме што значи концептот за градов насловен Битола Вело Град или пак Зелена Битола, но малку се свесни за актуелниот концепт Aвтоцентрична Битола. И токму затоа главниов фокус на текстов е токму објаснување на тоа преку бројни примери во обид да се подигне јавната свест и конечно да се ослободиме од стегите на минатото и конечно погледнеме кон решенијата за иднината. Во повеќе наврати потсеќаме за логиката при планирање на сообраќајните решенија во градов. Не сме сообраќајни инжињери, ниту пак експерти. Општинава има Сообраќаен Факултет и треба да стане пример за одржлив урбан транспорт. Но, еве како обични граѓани на народски кажано да објесниме и визуелно преку пирамидата на мобилност на кој најмногу треба да му даваме предност и угодуваме етапно при планирањето на сообраќајот, но и при дневното движење како дел од сообраќајот. Тоа е секако најпрво пешаците, а потоа сите останати….секако доколку сакамедолгорочно одржлив град во кој граѓаните ќе се чувствуваат безбедно. А како е кај нас? Е па кај нас е обратно, анализира велосипедската иницијатива БитолаНаточак.

Целата сеопфатна анализа на БитолаНаТочак ви ја пренесуваме интегрално:

Нашите сообраќајни решенија се направени или во поново време пре-адаптирани да им угодат на колите, а во никој случај не да им угодат на ранливите категории граѓани (пешаци, велосипедисти, мајки со колички, лица со физичка попреченост, децата и др.). Зошто се викаат ранливи категории можете да претпоставите. Ако едно моторно возило ~1 тон удри со брзина од 30км/ч еден човек ~65кг можете да претпоставите кој ќе заврши фатално. Без многу филозофирања, еве како е овозможено тоа преку неколку клучни поенти.

❌ Непотребно прекумерно проширување на бројни улици на штета на пешаците, велосипедистите и другите ранливи категории (Влез од Стрелиште, Влез од Довлеџик, Бул. 1 мај од Шехерезада до Црн Мост, но и други). Истражено > докажано > потврдено во светот дека ширењето на улиците ги мотивира шоферите на моторни возила да развиваат поголеми брзини! Додека на Западот секое теснење на улици се смета за реформа и добиена битка кон одржливи решенија, кај нас секое проширување на улици се смета за реформа и напредок. ЗА ОВА СКАПО ЌЕ ПЛАТИМЕ! Со изгубени човечки животи и со многу буџетски пари за преправање на овие решенија во иднина. ✅ Време е за враќање на улиците на граѓаните!

❌ Прераспределба на коловозното растојание (прецртување на белите линии) во корист на колите. Бројни интервенции на улици каде без проширување на патот им е дадено поголем простор за проток на колите на сметка на ранливите групуи. ✅ Време е за смирување на сообраќајот преку „улична диета“ – нова прераспределба на коловозот, но сега во обратна насока! Графикот е од Скопје, но ширината на улиците низ државава е правена по истава законска регулатива секаде вклучително и Битола. ✅ Предлогот е за теснење од 3,5 на 3м. Дали знаете оти најбезбедните држави за пешаци и велосипедисти се најбезбедни и со најмалку жртви од судири со коли? Затоа што ги стесниле улиците на 2,75 а некаде и на 2,5м.

❌ Овозможување на движење на возилата со 40км/ч низ цел град, со исклучок само на неколку места каде има прогласена Зона 30. ✅ Апелираме обратно решение. Заради збиеноста на градбите и улиците (што не е нешто што може преку ноќ да го смениме) наместо со многу поединчени парцијални решенија да преминеме кон регулирање на градов со само едно решение за брзината, а тоа е цел град да биде прогласен за ЗОНА 30 со исклучок на неколку улици од типот на Партизанска, Генерал Васко Карангелевски, Булевар 1 мај (до Безистен), Филип Македонски, Македонска Фаланга, Прилепска/4 Ноември. На овој начин ќе направиме исчекор кон побезбеден град пред се за децата, а после и за сите останати.

❌ Овозможување на двонасочно движење на возилата речиси во секое сокаче. Градов има капацитет за двонасочен сообраќај на моторни возила само на неколку клучни улици во градов. ✅ Сето друго треба да се решава со еднонасочни улици. Ова воедно ќе ги поттикне граѓаните да размислат дали за мали растојанија им се исплаќа да влегуваат во кола или можат да попешачат малце или да одат со точак (доколку сепак ова им се овозможи да го прават безбедно).

❌ Овозможување оставање (паркирање или привремено складирање) на приватни и службени моторни возила (автобуси, камиони, комбиња, коли, мотори, трактори, приколки, градежен материјали сл.) на самата улица теснејќи ја истата. Апсурдот да е поголем ова се случува и на бројни улици каде нема тротоари каде пешаците, велосипедистите и др.ранливи категории директно се фрлени во оган. ✅ Деловните возила треба да си одат на деловни паркинзи и да си закупат таков простор. Приватните возила во приватни или закупени гаражи и дворови или јавни паркинзи со плаќање на месечен или годишен надомест за паркирање на Општината.

❌ Непостапување со хаварисаните возила кои го окупираат и онака запоседнатиот јавен простор. По наша слободна проценка низ градов со години зјаат оставени 150+ возила по станбените паркинзи или на самите улици.

❌ Толерирање на паркираните возила на самите тротоари кои ги нема и онака многу на број. Но и чекор понатаму преку толерирање на бесправно проширување на некогашните трафики во маркети поставени на самите тротоари. ✅ Слободни, чисти и раззеленети тротоари треба да се врвен приоритет на секоја Општина која сака одржлив развој.

❌ Овозможување на бесплатени паркинг места во бројни јавни институции и компании како ПРАВО на граѓаните. Вака ние ги каниме вработените во сиве овие институции и компании да идат со кола, а никако пешки или со точак или јавен превоз иако најчестите растојанија во градов се во 3-4 км пречник. Да расчистиме еднаш со ова. Ова не е право, туку е ПРИВИЛЕГИЈА која тие ја уживаат оти некој им ја дал! ✅ Апел за разгледаување на алтернативни можности како воведување на минимална наплата за почеток, но и креативно мотивирање на вработените да доаѓаат на работа на точак (субвенции за точак, ваучери за поправки на точаци, билети на вработени кои идат на работа на точак за кино/театар/концерти…), доделување на месечни билети за јавен превоз (на овој начин и директно инвестирајќи и поттикнувајќи го јавниот превоз) и сл.

❌ Овозможување на ефтин паркинг во строгиот центар на градот канејќи ги луѓето да доаѓаат со коли, па дури и на штета на градскиот #јавенпростор. Неволноста на Општината и општинските функционери се гледа и преку бројни непостапувања вклучувајќи го и тоа што со КОНСЕНЗУС УСВОЕНО РЕШЕНИЕ за враќање на Плоштадот Гоце Делчев на граѓаните и враќање на истиот во зелена пешачка зона е заглавено во фиока. Граѓаните одат на кино или на претстава ДА СЕДАТ по 1 до 2+ часа. За нивно добро е доколку одат и се враќаат од Центарот за Култура пешки или #наТочак. Да правиме градови угодни за луѓе, не за коли.

❌ Овозможување на товар-растовар на самите улици или тротоари. ✅ Ова е сива зона и мора да се регулира час поскоро. Доставата треба да е во точно одредени термини и локации од каде ќе се разнесува со колички до самите места.

❌ Овозможување на бројни граѓани противправно да узурпираат јавен простор и да си го претвораат во гаражи, надземни визби и магацини. Толерирајќи го ова со години, некои дури си направиле и втора и трета гаража без одобрение од Општината. Огромен окупиран јавен простор на штета на остнатите сограѓани без Општината да има ниту денар прилив во Општинскиот Буџет. ✅ Поправање на грешките од минатото за дозволување на згради без паркинг. Овозможување на отворени паркинзи, но и неколку гаражи онаму каде просторот го дозволува тоа за повисок годишен надомест кој би одел во Општинскиот Буџет. Паралелно на ова овозможување на безбедно паркирање на велосипедите пред станбените објекти со цел граѓаните кои возат точак да не ги влечкаат точаците по скали до дома (заедничките визби да станат вело паркинзи или кратење на 2 паркинг места за кола и пренамена на истите во вело паркинзи и сл. креативни решенија).

❌ Слаба сообраќајна сигнализација и спора замена на оштетените сообраќајни знаци. Во ова поле има мал напредок во делот за поредовно бележење на пешачките премини и подобрување на јавното осветлување во градов. ✅ Потребно е дополнително инвестирање во оваа насока како на пример во осветлени сообраќајни премини на главните неколку улици каде се вози побрзо, поредовна замена на сообраќајните знаци, поставување на нови каде што фалат, поставување на огледала на непрегледните раскрсници (кои ги имаме многу) и сл.

❌ Децениско неинвестирање и неодржување на алтернативите на погоре споменатово. Буџетот за транспорт се користи 100% за транспорт на моторни возила со 0% учество на инвестиции во тротоари, велосипедска инфраструктура, јавен превоз. Во превод – сите буџетски пари се користат за турвање асфалт за моторните возила. Апелираме итно издвојување на ставка во буџетот за одржлив транспорт. Ни пола од градов не е покриен со тротоари. Да не го должиме дополнително текстов тука би навеле само неколку кошмарни улици од попрометните колку за илустрација како што се Цар Самоил (едносмерна, а каде се толерира паркирање од двете страни, и возење на средина, но немало место за тротоар. 3 ленти се за коли и 0 за пешаци, велосипедисти и др.), Охридска во целост, Пецо Божиновски (ист случај ко Цар Самоил само што ова е уште поопасно оти патот води до основно училиште!), Булевар 1 мај од Гимназија до Црн Мост итн. итн.

❌ Со овие автоцентрични политики на градов, безбедното движење низ град ГИ УСЛОВУВА граѓаните (да не речиме и построг збор дека ГИ УЦЕНУВА) да инвестираат во поседување на кола што НЕ МОЖЕ СЕКОЈ ДА СИ ГО ДОЗВОЛИ. За каква еднаквост и рамноправност ЗАГАРАНТИРАНА СО УСТАВ зборуваме кога едни се фрлени во оган на градскиот асфалт, а за викенд немаат ни воопшто пристап, а ни безбеден пристап (пешки, со точак…) до најблиските излетнички места, а другите со нивните коли и џипови имаат пристап и возат буквално во секое чикмаче и паркираат кај ќе стигнат и тоа бесплатно или ефтино и се толерира години.

✅ Апелираме редовно одржување на проодни тротоари како врвен приоритет (со физички препреки), ослободување на нови пешачки зони во градов, подигање и активно одржување на зеленило и дрвореди секаде каде што е можно, прекин на праксата за агресивно кастрење на дрвјата во есен со цел овозможување сенки за пешачење од проелт до есен, подигање на нови паркови (голем во Нова Битола, спас на преостанатото зеленило од уништените бели дробови на градов (зона АРМ – Правен Факултет) преостанатата зелена неодржана површина да се спаси и претвори во мал парк по примерот на тој од кај Медицинско/Автобуската кој вака се среди пред некоја година и др.)

✅ Прогласување на неколку поголеми пешачко-рекреативни зони во близина на градот како на пример над зоолошката до Смолево. Повеќе препораки во оваа насока има во следниот линк.

✅ ИТНО вадење на проектот за вело иинфраструктура (патеки, ленти, спуштање на банкини, вело паркинзи, сигнализација, детски полигони, бројачи за велосипеди, јавни алатки за поправки и сл.) од партиските програми и ставање на маса и да се отпочне со реализација на ова веќе дводецениско ветување, но и воведување на разни вело стимулации за одење на работа, на училиште на точак (квалитетни вело паркинзи насекаде, субвенции за точаци, субвенции со ваучери за поправки на точаци, билети на вработени кои идат на работа на точак за кино/театар/концерти…).

Препорачани улици за примарна вело инфраструктура од Битола наТочак:


Препорачани улици за примарна (розево), но и секундарна (портокалево за во втора фаза) вело инфраструктура од Геосфера.

Ова иако е долгогодишен приоритет, сега е дополнително ПРЕИТЕН имајќи ја предвид последнава здравствена криза која е само почеток и следејќи ги препораките за социјална дистанца. За повеќе за Ковид препораките види ги препораките кои ги дадовме на Општините за #ПросторАнтиКорона.

✅ Тука секако спаѓа и инвестирање во нови линии во јавниот превоз (како на пример викенд линии до блиските излетнички места Дихово, Ниже Поле, Трново, Магарево), но и во подигање на квалитетот на постоечкиот јавен превоз.

Дали се сложувате со актуелнава АВТОЦЕНТРИЧНА РЕАЛНОСТ наведена погоре? Некои од овие состојби години наназад активно се поддржувале и се инвестирало во нив, а некои се поддржуваат преку одржување на статус квото. Кои се последиците од ова? Многу, но еве само мал дел:

❌ Нагло зголемување на број на моторни возила во Битола 26.048 (2018та)

❌ Просечно новорегистрирани моторни возила на годишно ниво од 2007 до 2018 е 1.954 возила! Ако земеме просек за капацитет на катна гаража од 325 возила значи дека Општинава секоја година треба да гради по 6 катни гаражи! Дали Општината може ова да го озвозможи со актуелниот слободен јавен простор? Дали Општината ова го посакува? Дефинитивно мора да се сменат општинските сообраќајни приоритети ИТНО. Толерирањето на статус квото ќе донеси уште поголеми штети платени со човечки животи и општински буџетски пари како што изминува времето.

❌ Општината голем дел од парите ги троши градејќи најскапа патна инфраструктура (за моторни возила), а штеди за најефтината патна инфраструктура (пешачка и велосипедска). Таа за коли мора да ја има, но НЕ СМЕЕ ДА Е ПРИОРИТЕТ како досега.

❌ Бројот на возила на дизел се дуплира и стигна до 47+% (заклучно со 2018та).

❌ Битола стана енормно загаден град од што околу 1/3 отпаѓа на сообраќајот.

❌ Загадувањето заедно со поттикнувањето на седечкиот начин на живот влијаат на нагло зголемување на канцерогените и кардиоваскуларните болести што доколку не се реагира сево ова дополнително ќе се влошува. Од аспект на државата влошеното здравје резултира со повисоки трошоци во здравствениот буџет и намалена продуктивност на населението и негативни влијанија на локалната економија. За предлог мерки за намалување на загадувањето од Геосфера на следниов линк. Следете го загадувањето во градов на дневна основа преку инсталираната мрежа на Airly.

❌ Централните, локалните институции, но и населението многу често влегуваат во обинување на жртвите кои во главно се од ранливите категории како пешаци, велосипедисти и преостанатите (оти возите точак на оваа улица, оти не носите кациги, ставете си рефлектирачко елече и светла облека за да ве гледаат шоферите на колите, оти не се движите побзро преку пешачките премини и бројни други обвинувања). Наместо очекување на подигање на јавната свест преку казни и кампањи АПЕЛИРАМЕ конечно државата и општините да си ја преземат својата СИСТЕМСКА ОДГОВОРНОСТ и да ја видат и својата вина во приказната со инвестирање, овозможување, толерирање на АВТОЦЕНТРИЧНИ градови. Време е за промени кон зелени решенија.

Од текстов толку :) Доколку некој сака уште малку да прочита за дел од нашите препораки разгледајте ги 10те #ЦрвениВелоЛинии кои ги пративме на сите политички партии предизборно.

✅ За крај АПЕЛ до Советот на Општина Битола за усвојување на план за одржлива мобилност (кој е во тек на изработка) со вклучена динамика за намалување на моторните возила во градов за 7-10.000 возила во следниве 3-10 години преку воведување на рестриктивни мерки за возилата и стимулативни мерки за алтернативните видови транспорт.