Битолскиот интимен театар и белградската „Лудум, лудум“ на претпоследната вечер од „Лица без маски“

Две претстави  – „Трансферату“ и „Штом ќе ги оствариш соништата, веќе не можеш да живееш во нив“ беа одиграни на претпоследната вечер на фестивалот  „Лица без маски“.

l00d

Синоќа, на главната сцена во Универзалната сала, се одигра „Штом ќе ги оствариш соништата, веќе не можеш да живееш во нив“, на Белградската театарска трупа „Лудум, лудум“. Трупата е составена од Теодора Живановиќ, Бојана Грабовац, Милош Јаџиќ, Слободан Алексиќ и Петар Ристовски. Замислата за „Штом ќе ги оствариш соништата, веќе не можеш да живееш во нив“ е настаната првично како факултетски проект на Теодора, видоизменет и обработен од страна на нејзиниот сегашен вереник, Петар. Вчерашната претстава беше третата и, со голема веројатност, последната верзија на претставата. Имено, поради промената на една од актерките од првобитната група, самата претстава морала да се модификува кон атрибутите на новодојденката.

Претставата прикажува едно девојче во секојдневно семејство кое се бори со потребите на модерното време. Навлезени во системот, секој нивен ден изгледа како јајце-на-јајце идентичен со претходниот. Мајката во фамилијата, која го сака својот сопруг повеќе од сопствената ќерка, живее во надеж дека ќе ја врати својата вистинска љубов со својот сакан. Во целиот сплет на настаните најмногу страда нивната ќерка, која, ставена во втор план, се бори за живот надвор од репетитивниот циклус кој го гледа кај нејзините родители. Преку врската со своето момче, таа за момент се наоѓа на прав пат кон постигнување на своите сонови. Сепак и покрај сите напори и таа завршува во истиот кош којшто цел живот пробува да го одбегне.

sonistata header

Претставата, или подобро кажано перформансот, го пренесува дејството преку играње, пеење, глумење и музика. Изведбата на сцените е прилично енергична и со брзо дејство. Можеби баш поради тоа, на крајот, голем дел од посетителите ја напуштија салата со збунет израз на лицето, дискутирајќи ги можните интерпретации на сцените. Иако не целосно разбран, настапот беше задоволително надополнување на менито на фестивалот. Со својата енергичност и диверзитет, „Лудум лудум“ успеаа да ни претстават забавна комбинација на вештини, склопена во критика на денешното општество.

На малата сцена во Универзалната сала вчера вечер ја погледнавме и претставата „Трансферату“ на Интимниот театар од Битола. Напишана од Младен Алексиев и Станимир Панајотов, а режирана од Софиа Ристевска, „Трансферату“ го следи животот на една млада и убава девојка која сака да направи пластична операција за што повеќе да личи на коза. Иако разработува навидум смешна и бизарна тематика, претставата е луцидно осмислена критика на модерното општество кое живее и верува во парадоксалната „биди свој, ама претопи се во масата за да те прифатат!“.

transferatu

„Трансферату“ изобилува со хиперболизирани движења (на моменти нејасни и непрецизни), невообичаен избор на музика кој неочекувано добро се вклопува во тематиката и одлично разработени реплики. Маја Андоновска полека но сигурно „влезе“ во својот лик на младата и несфатена девојка, а растењето на нејзините емоции беше проследено и со правопропорционален раст во поврзувањето на публиката со приказната. Вториот актер во претставата, Здравко Стојмиров, слободно можеме да го наречеме македонскиот Џим Кери. Впечатливите фацијални експресии, огромната концентрација во секој миг поминат на сцената и совршеното доловување на 4 сосема различни ликови во претставата(родителите на девојката, нејзиниот партнер и пластичниот хирург кој е задолжен за трансформацијата) беа освежувачки зачин на веќе пикантната „Трансферату“.

Замисленоста на голем дел од публиката по напуштањето на претставата не тера да веруваме дека Интимниот театар од Битола успеа во својата цел да ги натера „просечните“ луѓе да размислат за оние „различните“.  Жестокоста, пак, со која овој тричлен тим ја донесе претставата на сцена покажува дека во македонското општество постои простор и за социјално ангажираната уметност, онаа која ќе ги поттикне гледачите да ги преиспитаат сопствените ставови и мисли.

Марко Ѓорѓиев
Јована Ѓорѓиовска