Студентскиот пленум УКЛО најавува дека утре напладне ќе го окупира и ќе прогласи автономна зона на Техничкиот факултет во Битола.
Како што информираат од Пленумот, студентите напорно работат на подготовките за окупацијата која , според најавите, ќе трае до исполнување на нивните барања – повлекување, односно укинување на измените и дополнувања на Законот за високо образование од 22 јануари 2015 година, како и потпишување Меморандум за гаранција за рамноправно учество на студентите, не на Студентскиот Парламент, за сите закони што ќе се носат во иднина, а посредно или непосредно ќе го тангираат високото образование.
„Чувствуваме обврска, да ги ослободиме универзитетите – вистински и да прогласиме автономна зона! Владата окупира, ние ослободуваме!“, порачуваат студентите од Битола.
Одлуката за окупација на битолскиот универзитет беше донесена минатата седмица, на средбата на Студентскиот пленум -УКЛО кога почна формирањето на работните групи задолжени за реализација на окупацијата. Битолските студентите тогаш ја добија поддршката од Наставничкиот пленум, како и од дел од професорите.
Во меѓувреме во Скопје студентскиот фронт дејствува на две локации, веќе шести ден е окупирана зградата на Филозофски/Филолошки факултет, односно петти ден на Maшинскиот факултет и ФЕИТ.