Битолското прифатилиште „Хачико“ ги прими првите бездомни животни

Прифатилиштето „Хачико“ во Битола вчера, симболично на Светскиот ден за заштита на животните, официјално започна со работа, со примање на првите бездомни животни.

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски истакна дека веќе е екипиран кадарот во прифатилиштето и дека склучен е договор со повеќе ветеринарни друштва од Општина Битола за хуман третман на уличната популација на кучињата.

„Општина Битола изминатите месеци во континуитет направи сериозен напор да изгради соодветно прифатилиште кое ги задоволува сите стандарди за хуман третман на животните, добивме одобрување за работа од АХВ за прифатилиштето, направивме мониторинг на уличната популација на кучињата, обезбедивме средства за да отпочнеме со хуманиот третман на животните, изработивме програма за хуман третман на животните која ги дава насоките по кои ќе се става под контрола на овој проблем.
Обезбедивме иновативно решение за ангажман на повеќе сериозни ветеринарни друштва од општината кои ќе го вршат хуманиот третман на животните. Ова решение дава можност за побрз и попрофесионален третман на кучињата и сериозно ја намали цената на чинење на третман на куче“, рече Коњановски.

Тој додаде дека отвориле можност за соработка со здруженијата за граѓани и со активистите за транспарентна и конструктивна соработка и најави дека ќе се вложат оваа соработка да се развива во иднина.

Ветеринарните друштва имаат отворен налог за заловување и граѓаните можат да се обратат до ЈП Комуналец, доколку има нетретирани кучиња во нивна околина на јавна површина, истакна градоначалникот, додавајќи дека исто така и маалските кучиња доколку имаат желба, ќе можат да ги однесат на хуман третман во една од петте ветеринарни друштва по нивен избор.

Во функционирањето на прифатилиштето е најавено дека ќе бидат вклучени и учениците од средното ветеринарно училиште со што, како што рече Коњановски, ќе се зголеми квалитетот на образованието на идните ветеринарни техничари.

„Во чест на овој празник следната недела организираме едукација за учениците од средното ветеринарно училиште на тема благосостојба на животните и одговорно сопствеништво. Би сакал да појаснам дека ние сме одговорни за хуман третман на кучињата кои се на јавна површина, ги замолувам граѓаните да бидат одговорни сопственици и доколку сопственичките кучиња ги пуштаат слободно да шетаат на јавна површина да ги приберат во своите дворови или станови, бидејки може да се случи да бидат заловени и потоа неодговорните граѓани ќе треба да платат за услугата заловување и престој кон ЈП Комуналец“, рече градоначалникот Коњановски.

Отворањето на прифатилиштето за бездомни животни беше најавено во 2022 година.

Илиевска: Битола по 30 години конечно добива прифатилиште за бездомни животни, ќе се вика „Хачико“