Профитот од новата песна на Бјорк и Росалиа – „Орал“ ќе биде дониран со цел да се исплатат правните трошоци на жителите од фјордот Сејисфјордур, кои протестираат против индустриските фарми за лососи во Исланд, кои се во странска сопственост.
„Жителите на фјордот Сејисфјордур протестираат против рибните фарми кои се отвораат во регионот. Сакаме да ги донираме приходите за да ги исплатиме нивните правни трошоци и се надеваме дека ќе станеме пример за другите“, изјави Бјорк.
Во Исланд, постои раст на јавното негодување поради фармите за лосос и нивното влијание врз животната средина, односно фармите штетно влијаат врз фјордовите и дивиот свет.
Во октомври, Бјорк изјави дека компаниите за одгледување на лосос сакаат брз профит на сметка на природата.
„Индустриското одгледување лосос во фарми е ужасно за животната средина. Одгледаниот лосос поминува низ огромно страдање и предизвикува сериозна штета на нашата планета. Ова е извонредно суров начин на правење храна. Борбата против отворената риболовна индустрија е дел од борбата за иднината на планетата“, изјави пејачката.
„Орал“ е песна напишана помеѓу 1997 и 2001, а снимките од песната биле изгубени скоро две децении.
Росалиа се согласила да соработува на песната, а Бјорк нагласи дека таа е совршена за соработката бидејќи песната стара 25 години е напишана на денс-хол музика, односно како што вели исландската изведувачка – „бабата на регетонот“.
„Искуството на Росалиа со овој жанр и нејзиниот неверојатен глас ја направија совршена изведувачка за соработка. Благодарна сум ѝ што и таа и нејзината издавачка куќа се согласија да ги донираат средствата од профитот“, истакна Бјорк.
Спотот за песната е изработено со вештачка интелигенција, од страна на Карлота Гереро, а во него се претставени аватари од Бјорк и Росалиа, како изведуваат боречки вештини.