Овие денови традиционално се одржува Comic Con во Сан Диего, најголемата „гик“ конвенција во светот. За понеупатените, San Diego Comic Con е конвенција во траење од четири до пет дена каде се организираат панели на многу познати американски и странски стрип автори, промоции на најнови филмски стрип адаптации и средба на актуелните актерски тимови на најновите филмови со многубројните фанови. Иако првенствено Comic Con бил наменет за поголема интеракција на стрип автори и илустратори со своите обожаватели, последните 20 години неминовно ја зголемија нејзината популарност благодарение на зголемената продукција на играни филмови и серии на DC и Marvel, најголемите џинови на американската стрип сцена. Сепак приказната пред стрип адаптациите да станат дел од кинематографското секојдневие била нешто поинаква.
Во 1978 година своја светска премиера имаше Superman во режија на Ричард Донер, со култниот Кристофер Рив како човекот од челик. Големиот успех на Superman придонесе Warner Brothers, студиото кое ги има правата за сите суперхеројски ликови од DC Comics да финансира и продуцира уште три продолженија на Superman, со подготовка за првиот Batman игран филм, додека Marvel од друга страна виде идеална прилика и тие да го јавнат бранот на потенцијалната популаризација на нивните суперхерои пред големото платно. Но, едно се желбите, а друго реалноста, па во осумдесеттите години од минатиот век Marvel се бореше со својот најголем непријател – недостигот на пари за реализација на амбициите. Затоа првите обиди за филмско продуцирање на суперхеројски приказни од линијата на Marvel завршуваа кај помалку познати продукциски компании, како Bixby Brandon Productions и наместо на платно, сите адаптации завршуваа пред ТВ екраните.
Раните деведесетти години од минатиот век беа посебно тешки за американската стрип индустрија и сцена од финансиски и економски аспект. Кризата кај DC и Marvel се одразуваше како со слаба продажба на стрипови, така и со неуспех на поновите филмови. Кај DC тоа беше изразено со лошите критики и пад на кино благајните на Superman 3 и Superman 4: The Quest for Peace, додека кај Marvel тоа беше срамот наречен The Fantastic Four, каде фантастичниот тим на доктор Рид Ричардс го има тој баксуз да се прославува со промашувања за сите досегашни адаптации на FF. Од една страна DC Comics ја имаа среќата да се одржат за време на кризниот период благодарение на Warner Brothers како нивниот сигурен столб, додека Marvel од друга страна влегоа во тешка финансиска криза поради која беа на работ на пропаст. Насетувајќи потенцијална корист, DC беа блиску до купување на ликови од нивниот лут ривал, но тоа не се реализираше со оглед на сложеноста со економската состојба на Marvel, блокадите и обидите за спојување на оваа компанија со други компании, како ToyBiz. Иако се чинеше дека Marvel ќе влезе во едно лимбо од кое нема излез, компанијата се одржуваше во живот пред се со продажба на авторските права за екранизација на одредени суперхерои кај различни филмски студија. Така, Spider-man и цела плејада на позитивци и негативци од животот на популарниот човек-пајак му припадна на SONY, The X-Men отидоа кај 20th Century Fox. Беше извесно дека овие компании ќе направат свои филмови со овие ликови, само беше прашање на потенцијалните премиери. Иако ова се виде како своевидна трка помеѓу SONY и 20th Century Fox, на крајот беа претркани од трет ривал кој долго време го имаше приматот на блокбастер џин (A Nightmare on Elm Street, Ninja Turtles, The Lord of The Rings) пред да бидат купени од Warner Brothers, а станува збор за New Line Cinema кои ги откупија правата на еден помалку познат лик од богатата галерија на Marvel, познат како Blade.
Иако направив подкаст за Blade, тоа беше повеќе во склоп, или подобро би рекол, во сенка на Vampire the Masquerade: Bloodlines, за еден период каде вампирската фикција доживеа своја ренесанса, од проекти како Buffy The Vampire Slayer, до Blade трилогијата и сагата Twilight. Blade ги има своите почетоци во Marvel Comics некаде во седумдесеттите години од минатиот век. Полу човек-полу вампир, со речиси сите моќи на вампир и каде сончевата светлина не му наштетува, Blade е во бескраен поход да убива што е можно повеќе вампири како одмазда за убиството на мајка му додека била трудна со него, токму од крвопиец. Иако немал своја серијализација, овој ловец на вампири се појавил како специјален гостин во сериите на повеќе познатите суперхерои.
Поради содржинската скромност со која располагале во поглед на стриповите, Дејвид Гојер, сценаристот на првиот филм, а подоцна и на продолженијата, се задолжил да му даде на Blade своја оригиналност, како на ликот, така и на светот, па наместо карикатуралност и стереотипно однесување на вампирите на кои сме навикнале поради многу филмови и серии, светот на Blade има повеќе сличност со Vampire the Masquerade, друштвената игра на White Wolf Studios, каде децата на ноќта имаат огромна политичка моќ и влијание во светската политика и економија, вешто криејќи се во сенките, влечејќи потези од безбедноста на темината. Честа за главната глума му припадна на Весли Снајпс, актер кој веќе се етаблираше како акциона sвезда, најмногу поради успехот на Demolition Man каде беше главниот непријател на Силвестер Сталоне. Иако Снајпс имал желба да учествува во можен Black Panther проект (уште еден суперхерој на Marvel), таквата идеја си останала само идеја за тоа време, нешто што испадна како подобра опција. Со обезбеден буџет од New Line Cinema во вредност од 45 милиони долари, Blade заврши со заработка од околу 130 милиони долари на светските кино благајни, стекнувајќи добар финансиски успех и подоцнежен култен статус кај својата публика. А што е поважно, успехот на Blade го сигнализираше почетокот на суперхеројскиот филмски бран. Ако до пред 30 години не сме можеле да замислиме брем еден филм со суперхерои, независно дали се DC, Marvel, Dark Horse итн, во последниве години има барем по три играни филмови плус сериски филмови пред се поради хиперпродукцијата на Disney како сопственици на Marvel, што е приказна за некоја друга прилика.
Blade го имам гледано многу пати, и нормално сум субјективен кога ќе кажам дека овој филм бил и сè уште е одличен акционен хорор филм кој го има издржано тестот на времето, океј, можеби исклучок се специјалните ефекти, но тоа е веќе вообичаено за речиси секој филм од 90-ти во областа на експериментирањето со специјални компјутерски ефекти за филм. Blade ја има една од најдобрите отварачки филмски сцени на сите времиња – моментот кога еден обичен човек кој сака да има добра провод со девојка му во ноќен рејв клуб се претвора во кошмар кога дознава дека не само што вампирите навистина постојат, туку и дека девојка му е вампир која го намамила во клубот да биде десерт за вампири само за на крај истиот човек биде спасен во последен момент кога во клубот ќе се појави мистериозен странец со долго црно палто, панцирен елек и соодветен арсенал за вампири по што почнува една брутална и безмилосна борба.
Сепак со секое последователно гледање, има една работа која најмогу ја ценам во врска со Blade за да ја ставам на прво место по квалитет – состојбата на светот каде вампирите го имаат статусот на елита. Јасно е дека Блејд е во некаков невозможен поход против својот вечен непријател кога секоја подоцнежна сцена ни дава појасна слика за животот на неживите меѓу живите. Вампирите се владетели во сенка, не во смисол на криење во ковчег и излегување во ноќта по жртви, туку како одлични мајстори на манипулацијата, создавајќи свои паралелни институции и хиерархии на власт, раководење на банкарски институции и приватни компании, разбирајќи ги динамиките и реалностите на денешниот свет, соодветно приспособувајќи се на модерниот расчекор. И како што вампирите имаат свој деликатен однос со луѓето, истовремено имаат поделикатен меѓусебен однос на потенцијални конфликти во своите редови.
Последните години на суперхеројски филмови е во знакот на доминацијата на кинематографскиот универзум на Marvel или скратено MCU, што дава на публиката препознатлив шаблон за она што можеме да очекуваме од денешен суперхеројски филм, И токму поради тоа се чини дека идентитетот на Blade, кој на почетокот бил суперхеројски, да се оддалечува постепено и да прерасне во вампирски акционен филм. Но сметам дека така е подобро. Наместо да биде дел од плејадата на веќе видените MCU шеми, соодветното место го наоѓа онаму каде и треба да припаѓа, како акционен хорор филм. И тоа многу добар акционен хорор филм.
Марјан Болтевски
Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.