Благосостојбата на милениците ќе се земе предвид во битките за развод во Шпанија

Шпанија ќе ја разгледува благосостојбата на домашно милениче кога двојките ќе се разведат или раскинат, преку законска промена која го зајакнува случајот за паровите кои добиваат заедничко старателство над нивните животни, пренесува Си-Ен-Ен.

Одлуката следи по слични потези во Франција и Португалија и ги обврзува судиите да ги сметаат миленичињата за чувствителни суштества, а не за предмети во сопственост на едниот или другиот партнер, тренд што веќе беше во тек пред донесувањето на законот.

„Животните се дел од семејството и кога едно семејство ќе одлучи да се раздели, судбината на животното мора да биде регулирана со исто значење како судбината на другите членови на семејството“, рече адвокатката Лола Гарсија (42).

Во октомври, судија од Мадрид и додели заедничко старателство над кучето на невенчана двојка која бараше судска одлука за тоа со кого миленичето треба да остане откако ќе се разделат. Кучето поминува еден месец со секој од нив и двајцата се законски одговорни.

Гарсија, чија фирма „Rights&Animals“ го водеше случајот, смета дека реформата е прв чекор во низата претстојни законски промени кои го регулираат односот на луѓето со животните.

Сопственоста на домашни миленици е висока во Шпанија меѓу европските земји и левичарската коалициска влада планира дополнително законодавство за зајакнување на правата на животните, вклучително и забрана за диви животни во циркусите и запирање на продажбата на домашни миленици во продавниците.

Сепак, нацијата останува поларизирана околу традицијата на борби со бикови, жестоко оспорувано прашање за правата на животните, кое веројатно нема да се реши во блиска иднина.

Претходно, адвокатот кој бараше заедничко старателство над домашно милениче мораше да докаже дека и двајцата членови на двојката го поседуваат животното како предмет, давајќи му предност на оној што го регистрирал миленичето.

Сега судијата треба да одреди каде животното ќе помине подобро и таа определба се заснова на благосостојбата на животното, објасни Гарсија.

Партнерот кој може да покаже финансиска солвентност или на кој му е доделено старателството над своите деца, има подобри шанси да обезбеди старателство и над сите домашни миленици, бидејќи постои посебна афективна врска помеѓу децата и животните, додаде таа.

Психологот Родриго Коставилас (31), шетајќи го своето куче во паркот во Мадрид Рио, го пофали новиот закон.

„Ова ќе помогне да се намали бројот на напуштени или лошо третирани животни.