Треба сериозно да се размисли за забрана за увоз на некои видови отпад. Македонија и регионот се интересни земји како локации за богатите земји да се ослободат од она што не го сакаат, вели Блаже Јосифовски од граѓанската организација „Ајде Македонија“ во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Јосифовски, деновиве актуелен е увозот на отпад во земјава и во регионот, а статистичките податоци покажуваат дека во некои години, како во 2014 година, во Македонија се увезени над 8 милиони тони отпад. Како гледате на оваа ситуација?
Мислам дека е жално што требаше да се случи таков скандал, како во Бугарија, за некои информации да станат подостапни и да се објават на јавноста. Мислам дека оваа тема долги години кај нас се задскриваше, некои не сакаа да зборуваат, а некои многу сакаат да се зборува за неа. Мислам дека овие податоци треба да не поттикнат да се направат сериозни анализи и истражувања како тој отпад тука влегува, каде завршил и на крајот со оглед на тоа дека Дрисла сега е под градот Скопје, јас мислам дека таму треба да се влезе со сериозни тимови за истражување и да се испитаат сите индиции и претпоставки за тоа дека е можно да се имаат случено некои нелегални дејствија, за еднаш засекогаш да расчистиме што навистина се случува таму и секако потребни се понатаму механизми како да се заштитиме, бидејќи очигледно овој регион, не само Македонија, туку и членки на Европската унија се интересни како локации, за ослободување на побогатите европски земји на тоа што не го сакаат.
Зошто увезуваме олку отпад, дали регулативата го овозможува тоа?
Секако, регулативата ќе ви послужи за таа намера што ја имате да ја постигнете. Моменталната регулатива им одговара на најголемите индустриски објекти кај нас коишто го користат најголем дел од отпадот што се увезува за да ги задоволат своите индустриски процеси и секако доколку ние ако се решиме дека се плашиме дека е можно таквата регулатива да овозможи влез на нешто што не би го посакувале или воопшто да го намалиме увозот на индустриски отпад којшто загадува, секако мислам дека е потребно да се смени регулативата и барем додека не влеземе во Европската унија да се средиме барем малку како земја, да станеме малку правно посигурни, мислам дека за некои идеи на граѓанските организации, но и на граѓаните, за забрана на увоз на некои видови отпад или општо целосна забрана за увоз на отпад, мислам дека треба сериозно да се размислува.
Целото интервју погледнете го во продолжение: