„Блек Ајд Пис“, Гучи Мејн, Том Морело, Карл Кокс и „Бонобо“ ги предводат првите 24 имиња за „Егзит 2024“

Најголемиот музички фестивал во регионот „Егзит“ денеска ги објави првите 24 имиња за следното издание кое ќе се одржи од 10 до 14 јули во Нови Сад.

Следната година, фестивалот ќе го предводат „Блек Ајд Пис“, еден од најиновативните гитаристи на светот Том Морело, како и основоположникот на глобалниот трап звук Гучи Мејн.

„На Денс Арена пристигнува најпопуларниот диџеј на сите времиња, според многумина и самиот симбол на оваа професија – Карл Кокс, а му се придружуваат големиот ‘Bonobo’, берлинската диџејска ѕвезда и продуцент ‘Klangkuenstler’, ‘Sama’ Abdulhadi’, ‘Barry Can’t Swim’, ‘Franky Wah’ и ‘Mene’. На ‘Тесла Универзум’ бината ќе настапат и водечките уметници на новата генерација Кенија Грејс и ‘Iniko’, популарниот британски состав ‘Rudimental’, поп и соул сензацијата Џон Њуман, незапирливите ‘The Exploited’, австралискиот визионер ‘Dub FX’, хитмејкерите Вили Вилијам, Ијан Ашер и Стив Анџело и водечката регионална сензација ‘Joker Out’“, велат од „Егзит“.

На „Фјужн“ бината ќе настапат грчкиот состав „Villagers of Ioannina City“ и чешкиот синт-поп бенд „Lakeside X“, додека на „Експлозив“ бината се најавени настапи на швајцарскиот треш-метал состав „Coroner“ и „Nemesis“.

Овогодишното издание на фестивалот со темата „Егзит старсидс“ и слоганот „Да ги разбудиме нашите супермоќи заедно“, ќе се одржи од 10 до 14 јули на Петроварадинската тврдина, со нулти ден резервиран за посебниот „Старсидс тејковер“ перформанс на „Тесла Универзум“ бината.

Четиридневните влезници со промотивна цена од 3999 денари се достапни на сајтот на фестивалот, како и на МкТикетс.