„Blockout2024“ – Дигитален бојкот на познатите личности на социјалните мрежи кој започна поради израелската војна во Газа

Најгламурозниот моден годишен настан во светот Мет Гала се одржа на 6 мај во Њујорк и предизвика почеток на движењето наречено „Blockout2024“ каде корисниците на социјалните мрежи спроведуваат дигитален бојкот на познатите личности поради нивниот молк за војната што Израел ја води во Газа, пренесува Ал Џазира.

Различни корисници на Тик-Ток, Инстаграм и X (претходно Твитер) почнаа да кружат списоци на познати личности и нивните бизниси за блокирање, а целта е да се намали заработката што ја остваруваат славните преку реклами на платформите на социјалните медиуми.

Тие истакнуваат дека повеќето познати личности никогаш не дале изјави на интернет или на било кој начин се осврнале на континуираната војна во Газа, каде во бомбардирањето на Израел загинаа повеќе од 35.000 луѓе, од кои повеќето жени и деца.

Социјалните мрежи беа преплавени со слики од Мет Гала, додека во исто време кружеа слики од започнатата воена операција во градот Рафах во јужниот дел на Газа. Па така, некои корисници го нагласија контрастот помеѓу раскошот на славните личности на Мет гала и ситуацијата во Газа користејќи слики од двете и осудувајќи ги познатите личности што не ги користат нивните платформи за да зборуваат за оние кои страдаат.

Движењето се споредува со Француската револуција поради изјавата на влијателната тик-токерка Хејли Калил која на 7 мај објави видео во кое ги синхронизира зборовите „нека јадат торта“, пред да влезе на Мет Гала. Овие зборови, кои често ѝ се припишуваат на Марија Антоанета, француската кралица за време на Француската револуција, во популарната култура станаа синоним за елита толку исклучена од животот на граѓаните кои не можат да најдат ниту леб, па предлагаат колачи како алтернатива.

Ова видео предизвика гнев поради кризата со глад во Газа, која е во постојан пораст во текот на седумте месеци од војната. Само два дена пред Мет Гала (4 мај) Синди Мекејн, шефот на Светската програма за храна на Обединетите нации во интервју за вести изјави дека северниот дел на Газа доживува „целосен глад“.

Калил објави видео со извинување на 10 мај на нејзниот Тик-Ток профил каде вели дека нема вистинска покана за Мет Гала и била вклучена во настанот само како водител на „E! News“, а користењето на аудиото го оправда велејќи дека е Тик-Ток тренд.

„Не сум доволно информирана за да зборувам за тоа на осмислен или едукативен начин“, вели таа во видеото одговарајќи на прашањето зошто не зборува за она што се случува во Газа.

Дополнително, таа во видеото не ги спомна „Палестина“, „Газа“ или „Израел“.

Во минатото имаше повеќе онлајн движења за откажување од следење на некои од познатите личности, но експертите за социјални медиуми велат дека блокирањето е поефикасно како стратегија за протест отколку само да не се следи.

„Славните личности на социјалните мрежи во голема мера се потпираат на високата видливост и ангажираност за да привлечат и одржуваат рекламни договори. Кога некој не ја следи славната личност, тој едноставно престанува да ги гледа објавите, но содржината сè уште може индиректно да се прикаже“, потенцира Еди Борхес-Реј, професор и истражувач на социјалните медиуми и алгоритмите.

Тој вели дека дури и оние што не ги следат ја гледаат содржината на славните личности и доколку не ја блокираат, не го повредуваат значително нивниот дофат, а со блокирање целосно ја прекинуваат секоја интеракција со нивната содржина и таа станува помалку видлива низ платформите, дури и за оние корисници кои не ги блокирале.

„Намалувањето на видливоста може да ги наведе огласувачите да ја перцепираат славната личност како помалку вредна, потенцијално намалувајќи ја сумата што се подготвени да ја платат за реклами на профилот на славната личност, а со тоа директно влијае на нивните приходи од реклами“, додава тој.

Пејачката Тејлор Свифт изгубила околу 300 илјади следбеници на Тик-Ток и околу 50 илјади следбеници на Инстаграм до 11 мај, а Ким Кардашиан за само два дена од почетокот на движењето изгубила 123 илјади следбеници на Инстаграм.