Блог: Тафталиџе станува новото Дебар Маало

Со сè можам да се борам и со многу работи можам да се изборам, освен со својата, и со наивноста на моиве комшии. Ќе стартувам од себе си.  Прво и најпрво од сè, јас не мислев, ниту на сон, дека моиве комшии можат да бидат толку наивни. Да не бев и јас уште понаивен од нив – многу порано ќе се нафатев да превземам нешто.

Немаше да се надевам дека тие, или поточно некои од нив, ќе ја завршат работата… Наивно си мислев дека и мојот, и нивниот животен простор е заеднички, и дека и тие се исто толку загрозени како мене, но, си се надевав, наивно, тие се помоќни од мене да го заштитат!

Арно ама, таа колективна наивност не важи за инвеститорот-визионер!  Таму каде што секој нормален граѓанин гледа празен простор, облагороден со трева или други привремени содржини (детско игралиште, спортски терен, парк, итн.) каде “секој“ ќе може “да си одмори душа“ – нашиов инвеститор-визионер гледа сосем нешто друго, нешто големо и трајно, што ќе му донесе купче пари и респект, не од некој благородник, туку – од таквите како него!

Кога кај нас во маалото дојдоа градежни работници за да постават мобилна провизорна ограда, никој не веруваше дека нема да ја тргнат. Кога еден ден се разбудија и во оградата видоа дека влегол гасеничар-ровокопач, не веруваа дека ќе почне да копа. Кога копаше не им се веруваше дека ќе стигне да направи толкава дупка, а кога оградата почна да се шири од ископаниот материјал – не веруваа дека толку може да се прошири.

Ним, до вчера, тешко им се веруваше дека дупката сосем сигурно ќе се бетонира, еве, на ваков начин. Во моментов, на стотина метри подалеку од нашава локација, на ваков начин се бетонира на уште две места, Арно ама…

Блог: Тафталиџе станува новото Дебар Маало
За овие градби – од кои едната (на фоткава) е веднаш наспроти споменикот, од другата страна на улицата – не е ангажирано приватно обезбедување (уште пред да се започне со работата). За овие градби нема протести! Зошто? Затоа што тие градби се дел од процесот што некои го нарекуваат “дебармализација“ (постепено бетонирање на животната средина). Со нив всушност само се проширува животниот простор под кров, на сметка на отворениот (под небо).

Ама, до кога, поточно до каде ќе стигнеме сите ние со оваа наша наивност!?

Ете тоа, и отрезнувачкиот дожд што падна врз мене, ме натераа да разгледам наоколу, малку пошироко од моето маало, во кое се досега мирно и непречено, иако кога ќе заврне или ќе се стемни, по малку калливо и замрачено, јас си егзистирав.

Откако вчера сватив до која мерка сум забегал во наивноста и со какви наивници од комшии цел живот сум си имал работа, решив да одам во поход – затоа што, од дождот, ми стана јасно дека тука нема шанси да се работи само за исклучок. Нема шанси нашиов да е единствен случај – мора да има тука некаков систем! Шема по која тие инвеститори се движат во лов на својот плен (“празен“ простор).

Ако некој мисли дека одењето ми беше некоја ГОЛЕМА работа – наивно се лаже. За се што ќе видите на фотографиите тука, не отидов подалку од еден километар од мојата куќа.

Решив дека е најфер, најпрвин да почнам од себе си.

Мој прозорец

Зад овој прозорец, кога го правев поткровјето, над мојата мексиканска барака имаше, во ова време од годината, прекрасен поглед на овошна градина во дворовите на две селски куќи.

Кога најпосле моето барање за градба се одобри, еве каков беше погледот при правењето плоча (под сегашниот прозорец) во декември 2004.

3

Денес, кога го отворам прозорецот, го гледам ова:

4

Запомнете ја добро оваа слика!
Ако веќе не е, наскоро, оваа “перспектива“ може да не биде само лично моја!
Јас не протестирав, иако за ова здание општината сметаше дека не треба ниту да бидам информиран, а камоли да бидам прашан. Во функција на подобра илустрација на претходниот пост од овој блог, еве ја подолу пристапната уличка што општината потоа му ја изгради на новиот инвеститор.

5

Потоа се упатив подолу по улицата (Мексичка, т.е. Петре Пирузе) и на источниот крај ме дочека ова здание:

6

Ова велелепно архитектонско здание е зграда за повеќе семејства а ја исполни “празнината“ на еден голем двор со една барака. Сосема е легална и никој од соседите не можеше да направи ништо против нејзината градба! Потоа завртив в лево, и се упатив до почетокот на улицата на која е всушност и мојата адреса (ул. Хелсинки)

хелсинки

Оваа легална градба не исполнува празнина туку ја одбрав само затоа што ми е лесна за селекција, копирање и пастирање. Ако тоа го направите во Фотошоп, поставувајќи ваков објект над сегашните проширени бараки, ќе добиете прецизна слика како веројатно ќе изгледаат овие улици после 10 години. И тука, се разбира, свој дом си нашле повеќе, меѓу себе неповрзани, семејства.  Каде отиде дворот?  Зеленилото?
Прашајте  во нашата општина!
Од двете страни на оваа, со години населена а се уште недовршена зграда, се сопствениците на имоти кои не се согласуваат со ваквиот развој на настаните со локалниот урбанизам…
7…И вака мизерно се третирани!
За урбанистичката мафија постои голема разлика меѓу нов инвеститор и сите други..
Мојата голема грешка од минатата прошетка била што сум тргнал в лево, а сум требал в десно, да излезам на главната улица Варшавска и да стигнам на кружниот тек пред гимназијата Ѓорѓи Димитров (секоја чест на градоначалникот за овој кружен тек!).
8

Тука, на големо се гради – веројатно затоа што нема кој да протестира.
Наспроти зградата што сега е во стадиум на изградба на приземје, зградата одзади (оформена карабина) нема информативна табла.
Дијагонално наспроти овие згради од сликата погоре, се наоѓа паркот за кој што е предвидено, со новиот ДУП, делумно да се елиминира, и на негово место да се постави стамбено деловен објект од приземје и 4 ката, висок до венец 15,5 метри! Еве го подоле.

9

И овој тревник и запуштеното детско игралиште вам ви личи на празен простор, но ова ќе биде всушност големо градилиште, што излегува на улицата Букурешка (зад втората руска зграда). Тука ќе има дури две големи стамбени згради со ист габарит и намена како онаа што е сега пред амбулантата (со сина фасада).

10

Ми се смачи! Во иднина за мирен влез во Тафталиџе 1 на сите нас ќе ни биде задолжително потребно в џеб да носиме барем по една доза на, или диазепам, или лексилиум – лаксативите добро би дошле – но не се задолжителни!

Текстот и сликите се дел од блогот на жител од Тафталиџе, кој беше еден од демонстрантите против изградбата на станбен објект на местото на детското игралиште кај Меморијалниот мексички парк.

Целиот блог може да го прочитате овде.