Во сабота од 12 до 14 часот во дворот на средното училиште „Јосип Броз Тито“ во Скопје ќе се одржи промотивниот настан на заедничката кампања на Европската Унија и Советот на Европа „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“ која се фокусира на борбата против говорот на омраза.
Организаторите најавуваат дека на настанот ќе присуствуваат млади кои заедно со познатиот уметник Дејан Давчевски ќе нацртаат мурал на ѕидот на средното училиште преку кој ќе ја испратат главната порака на кампањата и ќе ги повикаат сите млади да се обединат против омразата и дискриминацијата во општеството.
Истовремено, на настанот сет ќе има ди-џеј Васе, а ќе присуствуваат и дел од Амбасадорите против говор на омраза, како и Младите Европски Амбасадори.
Кампањата „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“ има за цел да ја покрене свеста за различните форми на говор на омраза кои таргетираат специфични заедници и поединци во македонското општество, како и да промовира различни начини за спротиставување на говорот на омраза.