„Морате да се боцнете за да ја освоите“, објави гувернерот на американската држава Њујорк, Ендру Куомо, промовирајќи ја лотаријата со премија од пет милиони долари како поттик за вакцинација против Ковид-19.
Според оваа пилот-програма, на секој жител на Њујорк повозрасен од 18 години му следува бесплатна грепка откако ќе се вакцинира на некој од 10-те пунктови за масовна имунизација низ државата во периодот од 24 до 28 мај.
„Со забавувањето на темпото на вакцинацијата во државата мораме да бидеме креативни во намерата повеќе луѓе да се вакцинираат. Колку повеќе жители на Њујорк се вакцинираат, толку побрзо ќе се вратиме во нормала“, вели Куомо во соопштението.
Гувернерот посочува дека 63% од возрасните жители на Њујорк се вакцинирани со една доза од вакцината, а 54% се целосно вакцинирани.
Грепката вообичаено чини 20 долари, а највисоката награда е 5 милиони долари. Сепак, секој кој ќе добие грепка има 11% шанси да добие некаква награда.
Оваа иницијатива е една од многуте кои во последниот период се промовираат низ САД, додека властите бараат нови начини како да го поттикнат интересот на граѓаните за вакцинација против коронавирусот.