„Cinedays“ влегува во третиот ден од овогодинешното фестивалско издание. Поради временските неприлики, тимот на МКЦ најавува в(л)ажни промени во програмата во однос на локациите, но термините за филмовите и музичката програма остануваат непроменети.
Па така, наместо на кровот на ГТЦ, проекцијата на филмот „Злосторства на иднината“ на култниот режисер Дејвид Кроненберг од 20:30 часот се сели во киното „Милениум“. Во ова кино, во рамки на гала програмата, потоа од 22:30 ќе се прикажува и „Брокер“, последното остварување на јужнокорејскиот мајстор Хироказу Коре-еда.
Публиката за настаните во Паркот на МКЦ ќе почека да се подобрат временските услуги, па тимот на „Cinedays“ како алтернатива од 21 часот организира прикажување на два филмови во киното „Фросина“ – „Живот во меур“ на Никола Дрвошанов, и „По зимата“ на Иван Бракиќ. Исто така, во салата „25 Мај“ во МКЦ е преместен и музичкиот настан со Dope Kukjata и Bon Praskiza x Sexy Marsa.
За денес од 20:30 на филмското мени е „Планета на овците“. Се работи за нов документарен филм раскажан со хумор и топлина, кој ја истражува нераскинливата врска меѓу луѓето и нивните волнени пријатели, која трае цели 11.000 години. Документарецот е во режија на германскиот документарист Марвин Енхолт, реализиран во копродукција меѓу германската продукциска куќа Berlin producers и македонската продукција Trice Films. Како македонски копродуцент е запишан Атанас Георгиев, кој претходно доби номинација за „Оскар“ со „Медена земја“.
„Планета на овците“ ќе се проектира во Кинотека, каде за 22:30 часот е најавен и хрватскиот филм „Наставничка канцеларија“. Делото ја следи приказната за Анамарија, која почнува нова работа како педагог во училиште, место полно со ситни конфликти и клики.
Единствена промена во датумите на „Cinedays“ има за програмата „Крацери – простори, звуци и движења“, преку која се предвидени кратки жанровски филмови. Наместо вечерва, „Крацери“ се преместува за среда во МСУ.