Познат по неговите стрипови, визуелниот уметник Матеј Богдановски, скоро започна да споделува „Весник поезија“ на својот Фејсбук профил. По техниката на дадаистите, „Весник поезијата“ претставува правење на колажно дело, но уште повеќе и игра.
Богдановски за Радио МОФ споделува дека и пред неколку години, во различен циклус тој си играл со насловите од весниците, но тогаш се ограничувал само на еден наслов кој по извртувањето на зборовите добивал поинакво, апсурно значење, со кое било доловено неговото доживување на состојбите во нашето општество.
„Со „Весник поезијата“ само отидов чекор понатаму, со тоа што ‘песните’ се составени од повеќе наслови, не е битно колку и од кој весник. „Весник поезијата“ не ја создавам со претходно смислени стихови за кои јас само барам зборови од весници, туку самата инспирација доаѓа моментално со разгледување на насловите и нивно сецкање. Така доаѓам до некој почетен збор или дел од реченица и потоа го надградувам барајќи му соодветни реченици кои ќе дадат некаква поетична смисла“, вели тој.
Богдановски додава дека во ваквите дела, освен текстуалниот дел, многу е важен и ликовниот дел, односно неразделни се текстуалното и визуелното.
Серијалот на „Весник поезијата“ засега се содржи од дваесеттина колажни песни, а уметникот забележува дека ќе создава во овој манир додека не се засити, или едноставно, тие ќе еволуираат во нешто ново и интересно.
За правењето на песните, Богдановски ги користи македонските дневни весници.
„Нема недостаток на содржина, јас се прилагодувам на содржината и работам со неа. Тоа е главиот штос“, објаснува тој.
Кога станува збор за ангажираноста на „Весник поезијата“, уметникот посочува дека таа не е усмерена кон една одредена проблематика во општеството. Тој додава дека не размислува на тоа додека ги создава делата, но сепак би ја нарекол општествено засегната.
„Тоа доаѓа од една страна и од самата содржина на весниците кои се секогаш актуелни збиднувања и се од разни сегменти на живеењето, економија, политика, спорт, забава, култура… Од друга страна, колку и да звучи надреалистична, сепак оваа поезија сакам да го рефлектира општеството на некој начин. Можеби како во некое скршено огледало, но сепак одразот е негов“, забележува Богдановски.
За крај, тој додава дека и самиот е изненаден од интересот на јавноста за „Весник поезијата“.
„Најверојатно им е потребна. Низ гротескниот смешен лик што го прави скршеното огледало, тој полесно се согледува. Можеби така, веќе грдото лице на нашето општество изгледа помалку страшно“, заклучува уменикот.
Ивана Смилевска