Вселенското возило „Боинг Старлајнер“ го заврши своето патување назад кон Земјата, но астронаутите што требаше да се во него останаа на Меѓународната вселенска станица, пишува „Би-Би-Си“.
Празното летало патувало во автономен режим откако се откачило од орбиталната лабораторија.
Капсулата која претрпе технички проблеми откако беше лансирана со Буч Вилмор и Сунита Вилијамс беше премногу ризична за да ги врати астронаутите дома. Наместо тоа, тие ќе се вратат со „Кру Дрегон“ на „Спеј икс“ во февруари, што нивниот престој во вселената од осум дена го продолжува на осум месеци.
Летот назад траеше шест часа. Откако повторно влезе во атмосферата на Земјата, беа користени падобрани за да се забави неговото слетување на вселенското пристаниште „Вајт Сендс“ во Ново Мексико.
Од НАСА претходно соопштија дека Буч и Вилијамс се во добро расположение и во постојан контакт со нивните семејства.
„Тие ја разбираат важноста сега да продолжат таму…и безбедно да го вратат возилото на Земјата“, изјави Стив Сич, програмскиот менаџер на комерцијалната програма на НАСА.
Ова беше првиот тест-лет на „Боинг Старлајнер“ со астронаути во него. Но, леталото се соочи со проблеми набргу откако на 5 јуни полета од космодромот Кејп Канаверал во Флорида. Капсулата се соочи со недостаток на хелиум кој го турка горивото во погонскиот систем, а не беа исправни и неколку од неговите производствени погони.
Инженерите на „Боинг“ и НАСА со месеци се обидуваа да ги разберат овие технички проблеми, но кон крајот на август американската вселенска агенција одлучи дека „Старлајнер“ не е доволно безбеден да ги донесе дома астронауитите.
Планот да се искористи вселенско возило на конкурентната компанија „Спејс икс“ доведе до значително одложување на повратот на астронаутите.
Тие ќе се вратат со следното возило на „Спејс икс“ чие лансирање во вселената е планирано да се случи кон крајот на септември. Претходно беше предвидено тоа да носи четворица астронаути, но наместо тоа ќе отпатува само со двајца, со што ќе се ослободи место за Буч и Вилијамс да се вратат на Земјата.