Од оваа година емисијата „Психоделични фрекфенции (PsyFreq)” која што се емитуваше на „Радио Канал 103”, се премести на „Радио МОФ”. Секој четврток од 22:00 до 00:00 часот слушателите може да чујат што се случува во светот на психоделичната музика.
Во кусо интервју за Радио МОФ, авторот и водител Бојан Шашевски-Шаше, зборува за почетоците на емисијата, нејзиното постоење и искуствата со психоделичната музика којашто останува популарна меѓу младите.
Од каде ви е идејата за оваа емисија и колку време постоите?
„Психоделични фреквенции“ годинава прави јубилеј – 10 години. Пред деценија, мај 2009, приказната во „Канал 103“ ја стартуваше Ратко Димовски со неколку другари. Тотално супер екипа. Импровизираа, викаа луѓе во студио, спонтано влетуваа со теми за психоделична култура, журки, за рандом изданија. Двочасовен термин и одврзани раце и јазици. Единствен таков психоделичен медиумски продукт во земјава. Јас се приклучив по некој месец како „стручен соработник“, а после тоа и како ко-водител и ко-уредник. Споивме „енергии“. Низ емисијата како водители продефилираа и Змики, Корчо, Јово, Марче и Манс, а на крајот останав јас. Последниот псај-мохиканец од таа група.
Новото медиумско гнездо од есенва е Радио МОФ. Пак волонтерски, стар концепт во нова дигитална радио зона. „Psy Freq“ не е попатна станица. Туку, она што го живеам преку психоделична музика, псајтранс журки. Тоа е тоа. Моето „тоа“ што има смисла.
Каков вид на психоделична музика најчесто емитувате во емисијата?
Почнавме со психоделична и прогресивна транс музика. Изминатите години истражував и психоделична амбиентална, или спејс рок музика, разни уметнички форми. Природен музички полет, движење низ цел спектар на(д) психоделичниот меур. Емисијата се надоградува, расте со мене. Ако 60-те е „зачетокот“ на движењето, некаде на Анџуна плажите на Гоа, ова е продолжение на таа идеја, ама во нов милениум. Во радио. Психоделичните собири исто така имаат голем удел како идејна основа. Особено оние под отворено небо. Оние низ светот, или шумите низ Македонија. Многу психонаути работат и дишат само за фестивали. Во симбиоза со природата. Тоа го следи и „Psy Freq“.
Дали овој тип на музика е популарен денес кај младите?
Ако мислиш „популарно“ на тоа дека повеќе луѓе ја слушаат – да. Психоделичниот транс уште во средината на 90-ите изникна во Македонија. Млади беа во Странција на фестивали и журки, па сакаа тоа да го добијат и дома. Донесоа искуство, декор, облека, цедиња и касети, си разменуваа, почнаа сами да организираат настани во „Планет макс“, „Метропол“, „Москва“, по планини и полјани. Меѓувреме се родија домашни издавачки куќи, организации и артисти. Од една мала група прераснавме во голема дружина, сега дисперзирана на повеќе екипи. Нашите псај-артисти секогаш останаа на агендите од фестивалите. Психоделичниот свет го препознава македонскиот звук преку Yudhisthira, Imaginary Sight, Atriohm, Tengri, Egorythmia, Uminum, Celestial Intelligence, Djantrix… Многу артисти! Но, знајте, психоделичната култура се сите: продуценти, диџеи, луѓе задолжени за декор, визуелизации, звук, журкаџии од подиум. Сите, со своето постоење, имаат удел во обликување на приказната. Не би рекол дека е суб-култура. Туку, самореализирачка култура што често сака да излезе од урбаните и алтернативни свртувалишта. И да шири колоритна и хипнотична музика, и да играат луѓе, и да им е убаво.
Дали имате некои фаворити кои почесто ги емитувате во емисијата?
Фаворити… тешко. Следам разни стилови и имагинариуми. Зависи од периодот. Неблагодарно е да издвојам само неколку артисти. Таа листа расте, и затоа почнав да правам регистар на македонски артисти и проекти, кој некако сакам да го документирам. Не е возможно да издвојам само неколку во глава, ниту во плеер по дома, ниту неколку во програма. Емитуваме програма што ја живееме, со луѓе со кои се гледаме по журки. „Psy Freq“ е секогаш отворена за нови уметници, активисти или аудиофили.
Дали овој тип на музика е опасен за младите, бидејќи често го поврзуваат со некои наркотици?
Би рекол, многу поопасни се евентите со турбофолк изведувачи, пример Аца Лукас во „Борис Трајковски”. Многу негативен електрицитет, луѓе на едно место, дивеење, себедеградација и големо количество алкохол, кој статистички е најсмртоносната дрога на светот. Ама, алкохолот е социјален и комерцијален хит, па е сосема ОК да одиш да се „оштетиш“ со друштвото, ама на псајтранс е „опасно“, со луѓе што со саати играат, шират позитивна енергија и се смеат. Едноставно, живеј, и остави да живеат. Не ги злоупотребувај другите и околината со својата самореализација. Оваа музика е активна медитација. Кога танцуваш, ти танцуваш над своето его, својата индивидуалност, над социјалните калапи што ги бараат бројни музички правци. Пример, за разлика од секојдневните концерти, на психоделичните журки (настрана од големите фестивали) нема заштитна ограда меѓу човекот на диџеј пултот и аудиториумот. Тие се едно. Тоа е манифестација на она што значи PLUR (Peace Love Unity Respect). Ова е нов милениум, со нови трендови, нови луѓе во психоделичниот свет, ама сакам да верувам дека тоа е мисијата на „Psy Freq“.
Александра Субашиќ