Дебатното кино „Контра кадар“ и „Пондер“ од Битола во сабота на 6 април на нивниот фестивал за музика и книги „Контрафест“ ќе ја промовираат бесплатната радикална библиотека „Контра библиотека“ чија цел е на читателите да им обезбеди лесен пристап до внимателно избрана селекција на книги и стрипови.
Бојан Станиќ еден од идејните творци на „Контра Библиотека“ во разговор за Радио МОФ вели дека иницијатива за ваква библиотека имало уште во 2017 година и таа функционирала на база на „земи – остави“ и била поставувана на проекциите на дебатното кино „Контра кадар“.
„Сегашниот, во некоја мера надграден концепт, се случи кога одлучивме дека библиотеката сакаме да ја направиме подостапна, со онлајн присуство , а исто така сакавме да имаме повнимателна селекција на книги за кои сметаме дека е важно да бидат достапни. Во тој момент имавме и понуда за да водиме две филмски дискусии за кои беа предвидени хонорари, па земајќи предвид дека никој од нас не го гледа ‘Контра кадар’ како иницијатива од која би заработувале, одлучивме да прифатиме и тие пари да ги вложиме во купување книги кои сега се основа за книжевниот фонд на библиотеката.“, раскажува Станиќ.
Библиотеката, во која моментално може да се најдат над 100 наслови на читателите им нуди квалитетна литература, почнувајќи од модерна, класична литература и фикција, преку графички романи и стрипови, до политичка и квир теорија. Изборот на литература ќе биде достапен на нивниот инстаграм профил @kontra.biblioteka и секој кој сака да позјами книги потребно е да им напише порака со контакт информации.
„Покрај книгите кои ги купивме со сопствени средства, голем дел од книгите доаѓаат како донации од саемот на книга кој го организиравме минатата есен, каде во соработка со издавачките куќи ‘Бегемот’, ‘Или-Или’, ‘Бункер’, ‘Темплум’ и книжарницата Урбаниум од Битола одржавме дводневен настан на кој битолчани можеа да си купат книги од гореспоменатите издавачи. За саемот со издавачите се договоривме, наместо одреден процент од продажбата на книгите, да ни донираат нивни изданија за библиотеката“, вели Бојан и додава дека „Контра библиотека“ е секогаш отворена за донации и предлози.
Иако моментално „Контра библиотека“ е фокусирана само на Битола, и нивната првична идеја е да ги охрабрат луѓето да започнат слични иницијативи и во нивните градови, Бојан вели дека доколку логистички е возможно, би можело да се организира изнајмување на книги и во други градови низ Македонија.
Симона Паскоска