Кариерата на овој млад господин, почнува да цвета уште од најраното детство. Сите ние го препознаваме како „Ице од Наше маало“, помладите можеби повеќе го знаат како стенд-ап комичар, но сепак тој е едноставниот, дружељубив и ретко сериозен Бојан. Младиот актер за средношколскиот весник „Медиум“ открива каква публика го следи на настапите во живо.
Медиум: Дали македонската публика има култура за стенд-ап комедија?
Бојан: Не сакам да делам на региони, но моментално Скопје како најголем град во државава има некое мало јадро кое знае како да се однесува на станд-ап. Пред се поради тоа што тука и бројот на публиката е поголем, а воедно и поради тоа што тука има повеќе стенд-ап случувања, за разлика од другите градови каде тоа е не толку честа појава. Сепак стенд-ап комедијата кај нас е во подем, така што и самата култура ќе си дојде со тоа.
Медиум: Колку публиката на настап „се плаши“ од Бојан?
Бојан: По форуми сум видел разговори каде што луѓето кои биле на мој настап коментираат во стилот на „Не дај боже да закасниш, а уште помалку да седиш во првите редови.“. Еден период луѓето кои доаѓаа на моите настапи беа многу мирни, само се смееа бидејќи не сакаат да бидат исмејани. Меѓутоа, сето тоа е дел од оваа работа, а нашата публика не е навикната да се шегува на сопствена сметка.
Медиум: Што му недостасува на македонскиот стенд-ап?
Бојан: Да направам една груба споредба со фудбалот. Доколку имате таленти, но немате инфраструктура, игралишта и стадиони кадешто тие таленти би се развиле, за некој краток периот тие таленти би преминале во просечни фудбалери. Ние во Македонија немаме инфраструктура за стенд-ап. Пред се, немаме професионален стенд-ап клуб којшто би препознавал таленти и би ги афирмирал и да имаме поддршка од медиумите и од локалната власт. Поради тоа што стенд-апот е една нова култура и едно ново движење во кое ние многу сме назад за разлика од земјите во регионот кои имаат цела плејада на стенд-ап комичари кои секој ден некаде имаат некаков настап.
Медиум: Дали Бојан има некој стенд-ап комичар од пошироката сцена кој го гледа и следи како пример?
Бојан: Мојот професор по глума Кирил Ристоски велеше „Гледајте ги сите и учете од сите, без разлика дали некој е добар или лош актер, од секого по нешто може да се научи“. Така и јас ги делам комичарите на добри и помалку добри, значи не сакам да копирам, туку да учам. Во принцип кај Робин Вилијамс сум ја препознал таа голема енергичност, која и јас ја поседувам, па така сум зел нешто од него што сум го модификувал и пренел низ мој настап.
Медиум: Дали Бојан и на обично кафе-излегување со пријатели е истиот оној Бојан кој го гледаме на сцена?
Бојан: Јас на сцена сум многу сериозен и темите за кои зборувам се сериозни проблеми. На пример, од жена нема посериозен проблем. Воедно на сцена сум истиот Бојан, но нормално не е исто кога се работи за актерството, т.е кога имам претстава.
Медиум: Колку време ти е потребно да смислиш материјал за настап?
Бојан: Нема некое време. Некогаш се случува и преку обичен разговор да произлезе некоја интересна фора или анегдота. Се случува понекогаш и со денови да размислуваш, а да не склопиш ниту една реченица. Но може да се присетиш на нешто од поодамна што изминало, некоја интересна случка, а тоа да е добар материјал за стенд-ап.
Медиум: Ако секојдневието ти е инспирација, колку раскажуваш од твојот интимен живот на сцена?
Бојан: Доколку на настап дојде некоја од моите поранешни девојки, сигурно ќе се препознае во некоја фора. Сепак, некои анегдоти се настани кои ми се случиле пред многу години, но сум ги кажувал во друштво. Сега истите тие случки ги раскажувам и на публиката.
Медиум: Дали луѓето се уште те препознаваат како „Ице од Наше Маало“?
Бојан: За жал, да. Велам за жал, бидејќи тоа што се снимило тогаш останало да се репризира и до ден денес, заради тоа што ништо ново не е направено. Меѓутоа со текот на времето се повеќе ги имаа и оние кои ме перпознаваат и како Бојан Велевски.
Медиум: Дали средношколците се дел од редовната публика на твоите стенд-ап настапи?
Бојан: Кај мене на настап секогаш ги има. Но, да потенцирам генерално зборуваме за средношколци кои се четврта година. Впрочем, мојата публика се движи од 17 до 30 години, што мене ми е особено драго бидејќи доживуваме слични секојдневни ситуации. Тоа мене како изведувач ми ја олеснува работата во осмислувањето и интерпретирањето на ситуациите.
Елена Андоновска, студентка на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста