Бојкотот на наставата ќе биде ставен во мирување до одговорот на барањата, соопштија денеска претставниците на Фејсбук иницијативата „Учебници и настава мора да има“ по средбата која ја имаа со претставници на Министерството за образование и наука (МОН).
Од оваа иницијатива претходниов период повикаа на бојкот на наставата, а нивните барања беа во новиот Закон за дигитализација на учебниците, хартиените задолжнително да останат во употреба во основното и средното образование, но меѓу нивните барања се и исклучување на сеопфатното родово сензитивно образование во основното образование, како и понатамошно останување на Етика на регилигиите како изборен предмет.
Драгана Спасевска, која е дел од оваа иницијатива, средбата во МОН ја карактеризираше како конструктивна иако засега не добиле конкретни одговори на нивните барања. Истовремено посочи дека доколку не добијат одговори до следната недела ќе организираат протест.
„Бараме да се стопира овој Предлог-закон, да се отвори јавна дебата и ние да бидеме вклучени во новите реформи. Очекуваме идната недела повторно да не повикаат, да ни кажат јавно и јасно дали овој Предлог-закон ќе се прекине. Доколку од понеделник не одговорат на овие барања ќе повикаме на протест и на граѓанска иницијатива за стопирање на овој закон“, рече Спасевска.
Од МОН во соопштение до јавноста по средбата велат дека реформите во образованието ги прават во широка консултација со сите засегнати страни и додаваат дека во носењето на законското решение за учебниците предност се дава на квалитет на наставата и повеќе бенефиции за младите и тоа, според нив, не смее да биде причина за бојкот.
„Дигитализацијата на материјалите за учење е дел од промените кои започнуваат од идната учебна година. И таа е глобален процес кој нема и не треба да ја одмине нашата земја. Новините се предизвик за сите, но од нив не треба да се откажуваме, туку напротив заедно и транспарентно да продолжиме да работиме на креирање на најдобрите решенија кои ќе треба да се интегрираат во системот. Ова е досегашната практика и начин на работа на МОН, принципи по кои ќе се водиме и во иднина. Затоа што само јавен и широк процес во кој се вклучени сите засегнати страни и експертската јавност, може да резултира со подобар квалитет на националниот образовен систем и со обезбедување повеќе и подобри можности за учениците, студентите, наставниците и професорите“, стои во соопштението на МОН.
„Потсетуваме дека новото законско решение во кое е дефинирана етапната дигитализација на материјалите за учење, ќе обезбеди достапност на учебниците за сите ученици, поголема интерактивност, намалување на учењето во домашни услови, а воедно и инклузивност, имајќи предвид дека истите ќе бидат достапни во аудио формат, но и на Брајово писмо за учениците со оштетен вид. Исто така, преку поставувањето на повеќе филтри низ постапката за изработка и усвојување на учебниците, се елиминира веројатноста за појава на грешки од било каква природа, а се воведуваат и содржини од областа на мултикултурализмот, толеранцијата, почитување на различностите и слично. Можноста за ажурирање на учебниците секоја година, значи дека повеќе ќе нема да се применуваат учебници со застарена содржина“, додаваат од Министерството.
Од минатата недела започна бојкот во некои училишта за да се стопира постапката за донесување на Предлог-законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование.
Според Предлог-законот, дигиталните учебници треба да почнат да се употребуваат од учебната 2021/2022 година, најпрво во наставата за четврто одделение, а потоа етапно и во погорните одделенија. Учениците до трето одделение, пак, ќе продолжат да учат од печатени учебници.