Температурите во Западна Европа изминатиов ден срушија нови рекорди додека противпожарните служби се борат со нов бран пожари кои се интензивираат од големите жештини.
Во Велика Британија, која вообичаено е навикната на поумерени временски прилики, вчера за првпат беа забележани температури повисоки од 40 степени. Германија го имаше најтоплиот ден од годината досега, 64 различни региони во Франција забележаа рекордни температури, додека во Португалија беа регистрирани нови починати лица од топлотниот бран, пренесе Би-Би-Си.
Највисоки 39,5 степени за 2022 година биле измерени во градот Дуисбург во Германија, додека иста температура била регистрирана и во Мастрихт во Холандија. Температурите во Португалија имаат благ пад, а досега во земјата последнава недела биле регистрирани 1.000 починати поради топлотниот бран.
Континентот е зафатен и од големи пожари, додека од Светската метеоролошка организација (СМО) предупредуваат дека најлошото допрва доаѓа. Топлотните бранови стануваат се` почести и поинтензивни и траат подолго време поради климатските промени предизвикани од човекот.
„Во иднина ваквите топлотни бранови ќе стануваат нормалност и ќе забележуваме дури и посилни екстреми“, изјави шефот на СМО, Петери Талас.
Во југозападниот дел на Франција забележани се најголемите пожари во последниве 30 години. Од 12 јули огнот зафатил повеќе од 20.000 хектари од регионот Жиронда, познат по производство на вино, додека скоро 37.000 луѓе од локалното население се евакуирани од своите домови.
Пожари беснеат и во северозападниот дел на Шпанија. Сервисот за мониторинг „Коперникус“ соопштија дека целосните јаглеродни емисии од шумските пожари во јуни и јули се највисоки забележани во Шпанија за овој период од 2003 година.
Во Грција шумските пожари беа засилени од ветришта кои дуваа во планинскиот регион Пентели, во близина на Атина. Од огнот оштетени се повеќе куќи, а локалните власти беа принудени да евакуираат четири различни места и една болница.
Високи температури се прогнозираат и за Италија, кои од денеска до петок се очекува да достигнат меѓу 40 и 42 степени. И таму се забележани повеќе шумски пожари, а пожарот кој избил во понеделник во Тоскана и понатаму беснеел доцна синоќа.