Над 80 факултети и средни училишта во Србија повеќе од еден месец се блокирани и бројката секојдневно расте. Блокадите започнаа по нападот на студенти и новинари кои пред Факултетот за драмски уметности во Белград оддаваа почит на загинатите при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, каде загинаа 15 луѓе, од кои еден е Македонец. Ова се случи на 22 ноември и оттогаш се интензивираа и секојдневните улични протести. Демонстрантите и медиумите тврдат дека владејачката партија испраќа „батинаши“ (тепачи) кои намерно предизвикуваат инциденти на протестите, а за кои се наведува дека се и носители на јавни функции.
„Со сѐ поголемиот број, како на факултети ширум Србија, така и на студенти заинтересирани за блокадите на веќе блокираните факултети, расте и нашата надеж за подобро општество и се зајакнува нашата истрајност во борбата за исполнување на барањата“, вели студентка на Филозофскиот факултет во Белград во разговор со Радио МОФ, која сакаше да остане анонимна.
Вреднувањето на различното мислење е камен темелник на нивните досегашни успеси, истакнува студентката. Тие споделуваат мислења, ги ценат и земаат во обзир сите од нив и на демократска основа донесуваат одлуки.
„Фокусирани сме прекинот на наставата никогаш да не стане прекин во образованието. На факултетите организираме анти-предавања со гостински професори, округли маси и трибини, на кои продолжуваме да се образуваме со алтернативни методи. Покрај тоа, кога останува време и за забава, читаме релевантна литература, поврзана за некои претходни блокади и протести кои нашето поднебје ги брои, но и за други социјални, економски и научни прашања“, раскажува таа.
Организираат и филмски вечери и различни работилници на кои сликаат, бојат, пишуваат проза и поезија.
„Овие креативни работилници ни помагаат да се опуштиме, додека ги изразуваме талентите кои ги делиме, едни со други. Се раѓаат пријателства за кои сме сигурни дека ќе траат цел живот. Учиме заедно, јадеме заедно, спиеме заедно. Секој момент од денот го поминуваме со колегите во ова новонастанато блокадно семејство“, истакнува студентката.
Кога притисоците се големи, додава, разговараат еден со друг, кревајќи си го моралот и доброто расположение. А, тоа расте и кога ќе ја почувствуваат поддршката од нивните сограѓани, професори и семејства.
„Таква поддршка почувствувавме на протестот на 22 декември, кога на Славија со нас застанаа баш тие прекрасни луѓе (н.з. повеќе од 100 илјади). Како студенти, заедно со граѓаните на Србија, застанавме во тишина да оддадеме почит и спомен на петнаесетте луѓе кои трагично ги изгубија животите при падот на настрешницата во Нови Сад“, се присетува студентката.
Како што нагласи таа, во крајна линија – тие не се важни. Нивната волја, како што вели, е да служат како глас на оние кои поради корупција го изгубија својот.
„Сакаме конечно да се добие нивната правда. Сметаме дека тоа е она што ни дава сила да продолжиме и понатаму и да не подлегнеме на притисоците. Во ова сме заедно, и додека сме обединети, сложни и додека сочувствуваме еден со друг, сигурни сме дека ќе движиме кон нашата цел. А, нашата цел е остварување на правдата во вид на целосно, легално и легитимно исполнување на нашите барања“, поентира студентката од Белград.
Студентите во Србија се борат за правда во земја без иста, истакнува Радомир Арсиќ, студент во трета година на Правниот факултет во Ниш за Радио МОФ.
Тој раскажува за деновите на блокадите во Ниш кои „проаѓаат многу брзо“. Исполнети се со активности, состаноци на работни групи, учење, запознавање со колегите и дружба. Многуте притисоците со кои се соочуваат ги мотивираат уште повеќе за да ги остварат своите цели и да ги организираат блокадите уште поуспешно.
„Атмосферата на блокадите е позитивна. Проблеми има, од различни притисоци до ‘вметнати елементи’ (н.з. пратени луѓе кои не се студенти да влезат на факултетите) со кои засега се справуваме многу добро, а тоа пред сѐ е заслуга на пленумот, телата на студентите во блокада, кои фукционираат по системот на директна демократија“, објаснува Арсиќ.
Помошта на граѓаните преку донации и убави зборови, исто така е голем фактор за тие да истраат. Студентот раскажува за едно од своите убави искуства на блокадите, кога ги посетил учесник на блокадата во 1992 година на Електронскиот факултет во Ниш.
„Тој ни донесе книга баш за тие блокади која се вика ‘Силите на мракот и лудилото’ (‘Силе мрака и безумља’) и ни го цитираше Петрарка: ‘Кој не цвета во пролет, не дава плод во есен’“, вели Арсиќ.
Во екот на блокадите, Владата за студентите и средношколците најави низа погодности – станбени кредити, бесплатен превоз во Белград за нив и сите граѓани, порано распуштање од училиште…
„Погодностите кои ги ‘добивме’ – не ги баравме“, дециден е студентот по ова прашање.
Според него, тие покажаа дека се истрајни и единствени во барањата и со тоа првиот чекор е направен. Зборови за протестот на 22 декември, вели, можеби се и сувишни.
„Доволно е да се погледнат фотографиите од Славија во Белград и пред тврдината во Ниш. Бројот на студенти и граѓани кои се споредуваат со 5 октомври (н.з. масовните протести во Белград во 2000 година кога Милошевиќ одби да ги признае резултатите од изборите на кои загуби) зборува за себе. Енергијата и оптимизмот на завидно ниво, а без никакви инциденти од страна на учесниците. Се надевам дека протестот ослободи многу луѓе од страв. Како што вели Мартин Лутер Кинг ‘Мораме да изградиме насипи од храбрости за да ја спречиме поплавата од стравот’“, истакна Арсиќ, додавајќи дека за секое понатамошно делување, се одлучува на пленумите.
Чувствата на студентите се помешани, раскажува тој. Вели дека влегле во „борба“ со јасна цел и против некој кој не игра по правилата, па понекогаш е присутен и стравот.
„Со поддршка на колегите тој прерасна во храброст, потоа среќа откако ќе се блокира некој нов факултет, па тага во приликите кога оддаваме почит на настраданите. Важно е повеќе да не чувствуваме немоќ“, заклучува Арсиќ.
Тој им се заблагодарува на луѓето надвор од Србија. Но, како што посочи, не на „тајните служби“ за што ги обвинуваат во режимските медиуми, туку на студентите и граѓаните како во соседните земји така и пошироко.
Телата на студентите во Македонија ги поддржаа блокадите во Србија преку објави на социјалните медиуми. Српските студенти во 2016 година, за време на студентските блокади во Македонија, во знак на поддршка протестираа пред амбасадата на Македонија во Белград. Протест за солидарност со студентите и граѓаните на Србија организира „Еквалис“ во понеделник, 30 декември, со почеток во 12 часот, пред Амбасадата на Србија во Скопје.
Дополнително, студентите од Факултетот за драмски уметности ги повикаа студентите ширум светот на блокада, поради тоа што „светот е на работ на колапс и претставничката демократија паѓа“.
Инаку, во Србија и по речиси два месеци од падот на настрешницата кој уби 15 луѓе, а страдаа уште двајца, граѓаните секој ден во 11:52 часот изглегуваат на улица да оддадат почит со петнаесет минутен молк. Тие се присетуваат секојдневно на имињата на настраданите, меѓу кои е и Васко Саздовски од Свети Николе.
Во останатото време, гласно врескаат и свират пред, како што велат, неправедната и авторитарна владејачка партија.
Јелена Божиќ, „СвиЌе“: Србија не памети ваков храбар одговор на младите на репресија и насилство
Ангела Петкова