„Борба за Влае“: Повторно се рушат бараките околу Кино Влае без табла и известување

Иницијативата „Борба за Влае“ преку Фејсбук соопшти дека деновиве повторно се рушат бараките на парцелата на Кино Влае на чие место е вцртано да минува улицата „Есперанто“, додавајќи дека тоа се прави без табла и известување.

„Според регулацискиот план што го донесе Град Скопје во 2021, според ДУП-от кој Општина Карпош го предложи но до сега нема одговорено на ниту еден анкетен лист и според ДУП-от кој беше укинат од Уставен Суд на локацијата позади кафе барот Кино Влае треба да минува ул. ‘Есперанто’. Во моментот улицата минува ‘пред’ Кино Влае, а во новиот план наместо да постои кривината која го успорува сообраќајот и ги оддалечува колите од основното училиште, зацртано е улицата да биде права, а на местото каде во моментов минува да се ослободи простор за градежна парцела за 10катница. Според сегашната ситуација нема основа да се пробива улицата“, велат од иницијативата.

Истовремено, оттаму тврдат дека локациите на кои што се рушат бараките немаат дозвола за градба бидејќи нема важечки детален урбанистички план. За дрвјата кои биле исечени на локацијата каде е зацртана улица, од „Борба за Влае“ додаваат дека немало известување од Општина Карпош и Град Скопје, ниту известување на терен.

„Се ова ни кажува дека на диво се работи за ослободување на просторот за побрзо да се изведе улицата и да се направат услови за градба на висококатницата. Ние се надеваме дека ќе дојде градежен инспектор на лице место да провери дали имаат дозвола за рушење и да ги спречи, и казни, во случај да немаат“, посочуваат од „Борба за Влае“.