„Борба за Влае“ утре организира јавна презентација за ДУП-от за Влае 2

Иницијативата „Борба за Влае“ утре (26 октомври) организира јавна презентација за предлог Деталниот урбанистички план (ДУП) за Влае 2. Презентацијата на која се поканети граѓани ќе се одржи во бараките на Општина Карпош на ул. Радика 9 со почеток во 13 часот.

„Времето кое е дадено за жителите да ги достават своите забелешки е законски минимално дозволените 5 работни денови. Од денот на најавата за повторната презентација жителите на Влае, обединети под Борба за Влае, ги споделуваат промените во предлог ДУП-от кои ги направи Општина Карпош. Но бидејќи 5 дена се малку за детална анализа, пишување и поднесување анкетни листови бараат од Општината роковите за анкети да бидат подолги. Дополнително, за разлика од ланската анкета каде на располагање беа 30 календарски денови и можност за поднесување во бараките на Општината и во Месната заедница во Влае 2, овој пат не постои втората можност. Што е невообичаено бидејќи целта на постоењето на Месните заедници е комуникација со локалните жители“, се вели во дописот од Иницијативата.

Од Борба за Влае со став дека Општината намерно прави вакви опструкции за да ги спречи граѓаните да ги дадат своите забелешки.

„Како што направија лани кога имаше рекорден број на преку 700 поднесени анкетни листови на првичната презентација на Деталниот урбанистички план“, велат од таму.