Во цветниот и често дождлив месец мај, „Природна Перспектива“ заедно со „СФЕРИКА“ во селото Стар Иственик, делчевско, организираше семинар на кој присутните беа опремени со основно знаење за изградба на објекти во форма на геодетски куполи.
Семинарот го водеше Генчо Генчев од Бугарија, а домаќинот Борче Б. Димитровски за Радио МОФ вели дека целиот тим заедно изградил геодетска купола во дворот на „Природна Перспектива“. Притоа, се забавувале, развивале вештини и учеле, како за денешната примена, така и за историјатот на ваквите градби.
Kуполите се споменуваат уште од дамнешни времиња, додека првата геодетска купола (geodesic dome) била подигната после Првата светска војна од германскиот инженер Валтер Баусфелд како планетариум за неговиот проектор. Потоа, таа е „патентирана“ на стартот на 50-ите години од минатиот век во Америка. Популаризација на овој вид куполи е впишана на Ричард Бакминстер Фулер, американски архитект, писател, филозоф, дизајнер и фитурист.
„Во Америка почнува и движење за градење геодетски куполи. Тоа е купола каде основата е триаголник, најцврстата геометриска форма, а самиот е вграден во сферична форма. Со тоа, се добива најрамномерна распределба на притисок и на давање отпор. Така се добива структура која, сама по себе, доста е цврста, со што се заштедува на материјали и се искористува нивниот потенцијал. Во зависност од тоа како сакаме да ги искористиме, буквално секоја една градба може да биде направена во тој формат – геодетска, без разлика дали е летниковец, нечиј дом…“, вели Димитровски од Центарот за одржливи практики „Природна Перспектива“.
Во оваа форма се прават и оранжерии, дополнува тој, а посочува и на докторска студија од Бугарија што покажува дека производството на зеленчукот во геодетската купола е повисоко за 20-30%, бидејќи рамномернo се распределува светлината.
„Сонцето од секаде исто грее и тоа допринесува на побрз процес на фотосинтеза и други процеси, кои допринесуваат за поголем прираст на самите земјоделски култури“, потенцира Димитровски.
Во однос на домувањето, ако се искористи самата форма, таа дава многу добра вентилација на воздух, рамномерно распределување на топлина, заштеда на енергија за затоплување и ладење…
„Така да, овој тип градба има многу добри аспекти, од друга страна, искористувањето на просторот во конвенционалните градба е на повисоко ниво. Но, тука имаме поголеми придобивки од гледна точка на стабилност, отпорност на земјотрес… Земјотрес не може да ги сруши. Експертите велат дека можат да издржат до 12 степени според Рихтер. Значи, може да издржи земјотрес со јачина која досега се’ уште се нема случена. А, во однос на енергетската ефикасност, топлината не се ‘забива’ горе на таван, туку преку сферната форма патува од горе-надолу“, вели Димитровски.
Тој додава дека во Америка, на пример, до 1970-та година биле направени околу 30.000 вакви куќи. Само што, откако куполите почнуваат како движење, Американците внатре малку интегрираат и коцкасти форми за рапределба на ентериерот, со што донекаде се губи и поентата на куполата.
„Во наредните години и децении малку спласнува наездата на вакви градби, но во последно време се развиваат два нови ‘епицентри’ за куполи – едниот во Јужна Америка, а другиот во Источна Европа. Во Бугарија, експерти имаат спроведено проект за купола, каде луѓе живеат во него, а тој е награден за архитектонско дело за 2019 година. Значи, во Бугарија веќе има неколку куќи во тој формат. На пазарот се нудат и готови градби за монтажа. Постојат и фирми што произведуваат куполи, не само геодетски. Кај нас се’ уште не се развиени, затоа се и овие настани, дружби и пренесување искуства – за да го продолжиме знаењето за куполите“, нагласува Димитровски.
Присутните на собирот во Стар Иственик имале можност да поминат низ обука и за посебен калкулатор. Со него се вршат пресметки, основните параметри на кои треба да се обрати внимание кога се прави нацрт-план за купола.
„Постои онлајн калкулатор за изведба на овие градби, и нашата обука беше фокусирана на тоа како може да направиме структура, ‘скелет’. Па, го поминавме тој дел. Откако веќе го имаме ‘скелетот’, во зависност од тоа која ќе биде функцијата и намената на ваквата купола, се бираат и материјалите за градба. Ние веќе имаме некои основи, знаеме кои се предностите на конструкцијата, типот на градбата и слично, за да можеме да направиме мини-проекти. Пример, во скоро време планираме стакленик во форма на геодетска купола. Ќе растеме зеленчук и култури кои ни се потребни, воедно да не заборавиме она што беше научено, да најдеме пракса“, посочува Димитровски од „Природна Перспектива“.
Бојан Шашевски
Фото: Природна Перспектива