Борче Стаменов го донираше 500-тиот компјутер: Не застануваме тука, еве ја кај е илјадарката

Пет години откако ја почна својата хумана акција за собирање и поправка на стари компјутери, кавадарчанецот Борче Стаменов денеска соопшти дека го донираше 500-тиот компјутер. Неговата иницијатива #ДонирајКомпјутер за која Радио МОФ пишуваше во повеќе наврати, се прочу низ цела држава, а пандемијата и онлајн наставата беше дополнителна мотивација за хуманиот компјутерџија.

„Лично целава акција ја рачунам како огромен успех. Да организираш вакво нешто воопшто не е мала работа. Од комункација до логистика. Да сплотиш толку многу народ со една иста идеја да се помогне на оние на кои им е потреба помош. Пандемијата и онлајн наставата само го зголемија предизвикот на кој ние како идеја жестоко одговоривме. 500 компјутера е далеку поголема бројка од онаа што ја предвидував. Но, успеавме! Напорот и притисокот беа големи но на крај на денот она “благодарам” од срце направија цела оваа авантура да се “исплaти”,  вели Стаменов за Радио МОФ.

И покрај напорната работа, додава дека нема да се откаже од акцијата.

„Не застануваме тука, еве ја кај е илјадарката“, додава тој.