Во време кога независното и слободно известување на медиумите е поважно од кога и да е, слободата на медиумите е се уште под закана, изјави Жозеп Борел, претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, по повод 3 мај – Светскиот ден на слобода на медиумите, пренесува „Н1“.
Новинарите и понатаму имаат тешки работни услови со зголемен финансиски и политички притисок, надзор, произволни затворски казни или насилство заради вршење на својата работа, наведе Борел, а пренесе Европската служба за надворешно дејствување (ЕЕАС).
Според опсерваторијата на Организацијата на ООН за образование, култура и наука (УНЕСКО), во 2020 година убиени се 76 новинари, додека многу други се уапсени, малтретирани или се наоѓаат под закана.
Борел посочи дека посебно загрижува родово базираното насилство насочено кон жените новинарки.
Според него, во 2020 година, повеќе од 400 новинари го користеле механизмот на ЕУ за заштита на човековите права, додека ЕУ презела акција за поддршка на новинарите, независните медиуми и борбата против дезинформациите во контекст на епидемијата со коронавирусот.
Истовремено, Борел рече дека ЕУ е одлучна да стори повеќе, дека ќе продолжи со координацијата со меѓународните организации и механизми и дека ќе воведе нови пристапи.
„Слободата на информирање и слободата на говорот мора секаде да се промовираат и да се штитат. ЕУ ќе продолжи да се залага против било какви ограничувања на слободата на изразување и цензурата“, наведе Борел.
Светскиот ден на слободата на медиумите – 3 мај е утврден со одлука на Генералното собрание на ООН во 1993 година, со цел да се потсетат владите на државите дека се должни да го почитуваат и поддржуваат правото на слободно изразување загарантирано со член 19 од Универзалната декларација за човекови права.