Наставничкиот совет на Средното хемиско училиште во босанскиот град Тузла одлучи трите средношколки, кои минатата недела крвнички претепаа соученичка, да бидат отстранети од училиштето.
16-годишните девојки Џенита, Селвина и Дина добиле најстрога казна поради „тешка повреда на дисциплината“, откако на интернет се појави снимка на која се гледа како тие ја опколуваат девојката, ја водат надвор од училишниот двор и и ја сечат косата, по што ја напаѓаат со клоци и тупаници.
Инцидентот се случил минатиот петок, а снимката предизвика бура од реакции и дебати околу насилството кај младите во Босна и Херцеговина, но и во целиот регион. Девојките следниот ден се шегувале за инцидентот на Фејсбук. Сите актери во немилиот настан ќе бидат испрашани во полиција.