„БОШ фестивал 14“ на 26 и 27 август во Гевгелија

Во Гевгелија на 26 и 27 август ќе се одржи 14-ото издание на „БОШ фестивал“.

„Локално сконцентирана, глобално ориентирана, посветена програма со изложби, инсталации, видео проекции, филмови, промоција на роман, работилница за деца, саем на независно издаваштво и концерти во двата фестивалски денови кои ќе се случуваат во Народниот театар и во Уметничката Галерија АМАМ во Гевгелија, но и трети пат по ред промоција на мурал на Ракометното игралиште во Гевгелија. 14 години БОШ оаза во нашата база Гевгелија. Петок и сабота журка и недела афтерче на Сифулајка. Како летото си стивнува така си мириса на БОШ“, велат од „БОШ фестивал“.

БОШ Фестивал 14 / ПРОГРАМА:

ПЕТОК 26-ти АВГУСТ

Народен театар Гевгелија

19:30 „Алгоритмеа: Евлогија за дигиталните богови“ – Стефан Марковски / промоција на поема
Експерименталната постмодерна поема во која авторот си подигрува со границите на сето она што го чини креативниот процес, „стрелата на времето“ и еволутивниот творечки и технолошки развој, модалитетите на создавањето и пишувањето, дури и оние на авторството во еден роланбартовски хиперреален постмодернизам, каде што како автор на едно книжевно-уметничко дело може да се јави, макар и симболично или метафорички, „вештачко-интелигентен софтвер“. Илустрациите се дело на Вангел Срнаков.

20:30 „Ликовни раскази“ – Митко Панов / проекција на кратки филмови и дискусија со авторот
„Ликовни раскази“ ќе биде работилница со сликарот и режисер Митко Панов, кој себеси се гледа како „с-ликовен раскажувач“. Низ серија кратки филмови ќе ја прикаже врската помеѓу сликата и раскажувањето, односно с-ликовното писмо во филмската раскажувачка традиција.
Митко Панов (р. 1963 година во Скопје) — македонски филмски режисер. Дипломирал режија на Филмската школа во Лоѓ, Полска. Панов живее во САД и Македонија.

21:30 ИЗЛОЖБИ:

„Микромонографија на отпадниците од светот на анимираниот филм“ и „Скица за комична опера“ – Владимир Лукаш
Промоција на книга печатена во сито-печат, „Микромонографија на отпадниците од светот на анимираниот филм“, во соработка со Flipbook Film Festival и Партизанска штампа, која го обработува проблемот на малиот невидлив човек, кој е дел од големите предвидливи индустрии преку одредени фолклоризирани профили на луѓе што работат во анимираниот Б филм. На изложбата исто така ќе биде претставена оригиналната верзија на книгата „Скица за комиична опера“ како колекција на ликови и портрети на луѓе застапени во класична венецијанска комична опера со сите нејзини интриги.
Владимир Лукаш е мултимедијален уметник, кој живее и работи во Скопје. Активно музицира и пишува, односно досега објавил 8 авторски книги и реализирал концерти, самостојни и групни изложби во Скопје, Берлин, Њујорк, Истанбул, Лондон…

„Биоморфинзи “ – Атанас Ботев
Изложба на серија цртежи што се надоврзуваат на сензибилитетот на делата настанати во периодот од 2009 – 2012 година. Цртежите се своевидни фигуративни апстракции во кои авторот истражува нови графички територии.
Атанас Ботев е мултимедијален уметник, кој работи во повеќе медиуми: сликарство, графика, цртеж, стрип, инсталација и перформанс. Дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, работи како раководител на Отвореното графичко студио при Музејот на Град Скопје. Реализирал повеќе работилници, како и самостојни и групни изложби во Србија, Македонија, САД, Франција, Германија.

„Keep Going“ – Ице Капсаров / видеопроекции врз објекти
Видеопроекции направени со намена да се проектираат на БОШ фестивал 14, врз објекти во градот. Авторот за своето дело ќе каже:
„KEEP GOING“ или „Продолжи понатаму“
Фразата значи: да се продолжи да се движи напред; да се продолжи да се прави нешто; да се направи напор да се живее нормално и покрај тешкотиите.
Ице Капсаров работи како графички дизајнер повеќе од 15 години. Неговата уметничка работа вклучува различни проекти како што се видеа, инсталации и дигитални принтови.

22:30 МУЗИЧКА ПРОГРАМА

„Музика и другарство“
Вечер на слободна музичка импровизација заедно со пријателите на БОШ.

САБОТА 27-ми АВГУСТ

Локација: јужен ѕид на ракометното игралиште во Гевгелија

19:30 „Вирус“ – Габриела Стахурска Гошева / Промоција на мурал
Преку муралот авторката ја изразува загриженоста за негативното влијание на дигиталните игри и социјалните мрежи врз младите умови. Целодневното преокупирање со виртуелен свет, постојано зјапање во мали и големи екрани, оддалечување од природниот и реален свет ја ограничува продуктивноста, креативноста и разумното размислување.
Каде го носи „модерниот“ човек оваа масновна зависност?
Габриела Стахурска Гошева родена 1971 година во Полска, живее и работи во Гевгелија. Твори во повеќе медиуми и техники од областа на визуелните уметности, како што се сликарството, вајарството, дизајнот и ѕидното сликарство.

Уметничка галерија Амам

20:00 „За конечноста“ – Иван Кал’чев / Изложба на фотографии
„Заробени во трите димензии. Заробени од кислородот. Ослободени од спознанието“ – вака авторот ја опишува својата изложба составена од 10-11 фотографии.
Иван Кал’чев е роден 1982 година во Скопје. Дипломирал на UNSW отсек фотомедија во Сиднеј, Австралија. Живее и работи во Гевгелија.

Народен театар Гевгелија

19:00 „Цртаме кроки“ – Радмила Гошевска / Работилница за деца
Работилница за деца од 5 до 12 годишна возраст на која ќе се црта кроки цртеж. Ослободувањето на линиите и уметниковата природа кај децата е особена важна за нивниот правилен раст и развој. Цртежите ќе бидат изложени на БОШ фестивалот.

20:00 Групна изложба на млади „БОШ Мегдан“ / селектирани по пат на јавен повик

Кристијан Јордановски е мултидисциплинарен уметник од Скопје, кој активно ја користи техниката на „автоматско цртање“ како основа за поставување граѓа од линии, кои подоцна преку асоцијативно согледување се обликуваат во цртеж. Преку овој процес, давајќи му предност на несвесниот симбол врз свесната идеја, запоставувајќи ја целта или до одреден степен осмислениот, намерен пристап на изразување, Кристијан ни претставува еден процес на игра што започнува слободно и завршува со нужност.

Вера Солевска е студент по графички дизајн и визуелна комуникација на Универзитетот за применета наука Berlin International. Покрај студиите Вера активно експериментира при третирањето на медиумите и изборот на темите во областа на дизајнот и фотографијата, а особено влијание врз нејзината работа има праксата и соработката со берлинското студио за дизајн Ариане Шпаниер. Во рамки на оваа групна изложба Вера ќе се претстави со краток филм, серија од сито-принтови, групни плакати и фотографии.

21:00 „Фијук“ – Саем на независно издаваштво
Саем на мали и самостојни издавачи и излагачи, инициран во Белград, поставен во повеќе земји во регионот, а оваа година го доживува своето 4-то издание во соработка со Фестивалот БОШ и Арт еквилибриум.
Разгледај и купи си оригинален принт, стрип или маица, препознај го и прифати го хаосот, оти само така се создава ред. Со секое купено дело ги поддржуваш малите независни издавачи и регионалната уметност.

22:00 МУЗИЧКА ПРОГРАМА:

Тодор Караколев
Тодор Караколев е пејач-песнописец и електронски продуцент. Создава композиции со силен емотивен набој и луцидна лирика, движејќи се лесно и непредвидливо помеѓу различни стилови на електронската музика: мутант техно, пост-диско, итало… Музика за танц со мрачен сексапил.

АТА
Љубов на прво слушање. Копнеж преточен во женско музичко писмо во најдобрите подземни традиции на македонската музика. Длабокa меланхолиja и разоружувачки искрена лирика, чувства и ноти што катарзично се ослободуваат.

Corrosion
Претставници на најновиот бран домашни гитарски бендови, битолското трио CORROSION освојува со својот зрело оформен израз инспириран од богатата ризница на инди бендови од 80-тите, па наваму. Свират и песнарат со леснотија што ретко кој тинејџерски бенд ја поседува.

*Видео Подгорец – видеоинсталација
Како видеоартист работи на повеќе полиња. Работи видеоклипови за бендови и како видео поткрепa (VJ) под називот – Видео Подгорец на разни случувања/фестивали. Освен „стандардно“ видео, работи motion graphics и видео мапинг. Има работено со повеќе артисти и на многу проекти. Како мултимедијален артист работи и со графика, звук и светло.