Божидар Доневски од Правниот факултет е победник на 11. Ораторска вечер на Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип.
Доневски, кој студира на отсекот медиумски студии и односи со јавност, беше прогласен за најдобар од стручното жири за неговиот говор „Земјата плаче“ во кој зборуваше за поврзаноста на човекот и природата преку сцена од сон во која индијански поглавица пишува писмо како одговор на американската влада која сака да купи дел од територијата на индијанското племе.
„Ако ви ја продадеме нашата земја треба да знаете дека бистрата вода на езерото ги раскажува спомените на мојот народ, а во жуборот на реката ќе го слушнете гласот на нашите татковци. Запамтете дека алчноста еден ден може да ја проголта земјата и да остави пустош. Дали во градовите има место каде може да се слушне отворањето на лисјата? Загадениот воздух во градовите е навреда за очите, а бучавата е навреда за ушите. Воздухот е скапоцен. Бидејќи се` што е живо – луѓето, дрвјата, животните – го делат истиот здив. Ако сите животни си заминат, човекот ќе умре од осаменост на духот. Затоа што се` што им се случува на животните, наскоро ќе му се случи и на човекот. Се` е поврзано. Запамтете дека Земјата не му припаѓа на човекот. Човекот ѝ припаѓа на Земјата“, вели во својот говор Доневски.
За најдобар оратор – средношколец од стручното жири беше прогласена Даница Левкова, која имаше говор насловен „Народе, ќе нѐ биде ли?“, а како најдобар оратор во избор на публиката беше прогласена Ивона Тодорова од Средното училиште „Љупчо Сантов“ од Кочани, за нејзиниот говор со наслов „Солзите на мајките“.
„Покрај убавината на говорењето, овде од оваа говорница се испраќаат и важни пораки. Вие вечерва го слушнавте гневот на младите од општеството, меѓутоа слушнавте и пораки за заштита на животната средина, а слушнавте лични и инспиративни приказни од кои лично се засегнати младите оратори. Јас се надевам дека, барем за момент, сите ние возрасните ќе се замислиме какво општество им сервираме на овие млади луѓе во кои тие мораат да живеат. А, заедно можеме сите да го менуваме“, изјави Кристијан Панев, асистент на Правниот факултет при УГД и дел од организацискиот тим на Ораторските вечери.
Настанот традиционално се организира веќе единаесет години од Правниот факултет и Клубот на оратори „Ростра ветера“ и можат да учествуваат сите студенти на УГД. Оваа година новина беше што за првпат во натпреварувачкиот дел беа вклучени и средношколци кои успешно поминале циклус обука за Јавно говорење, беседништво и дебата.
Победниците покрај плакетите добија и подароци и парична награда.
Сите говори може да ги погледнете на следниов линк: