Бразил го забрани Х (Твитер) по спор со Илон Маск

Врховниот суд на Бразил ја забрани социјалната мрежа X (Твитер) откако сопственикот Илон Маск не успеа да именува правен застапник во земјата, јавува Скај њуз.

Судијата Александре де Мораес и Маск со месеци спореа во јавноста откако Х не ги почитуваше законските наредби за блокирање на одредени профили обвинети за ширење лажни вести и омраза.

Во одлуката, судијата нареди и плаќање на парични казни во износ од 2.98 милиони евра. Секој што користи виртуелни приватни мрежи (ВПН) за да ја заобиколи забраната и да пристапи до X може да биде казнет до 8 илјади евра.

Шефот на бразилското регулаторно тело за телекомуникации Анател изјави дека добил судски налог да го суспендира Х и дека „продолжува со усогласеноста“.

Одговарајќи на одлуката во серија објави на X, Маск рече дека Бразил „го затвора изворот број 1 на вистината“.