„Западен Балкан не е богата област. Ние живееме во економии во развој, а економиите во развој не го прават менталното здравје приоритет“, ова вчера го посочи Мајлинда Брегу, генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка (РЦЦ) на завршниот настан на Младинската лабораторија на Западен Балкан.
На настанот во Тирана кој траеше два дена се собраа експерти од повеќе земји од регионот кои бараа решенија за проблемите со менталното здравје на младите, а каде договорија 13 регионални препораки за подобрување на оваа состојба.
Депресијата, анксиозноста и нарушувањата во однесувањето, како што посочи Брегу, денеска влијаат на многу повеќе млади отколку пред две години. Според најновото истражување на УНИЦЕФ, најмалку 30% од луѓето на возраст од 10-19 години живеат со дијагностицирано нарушување на менталното здравје, истакна Брегу.
„Во Западен Балкан, недостасува сеопфатно истражување за менталното здравје. Но, бројките што ги добивме од првиот круг на собирање податоци, во врска со нашиот следен дополнителен Балкански Барометар се загрижувачки“, рече таа.
Брегу истакна дека според статистиките две третини од младите би биле спремни да ја напуштат својата земја, но и дека вкупните трошоци за образование на луѓето кои ќе го напуштат регионот за една година варираат од 840 милиони до речиси 3 милијарди евра.
„Околу една петтина се невработени, а речиси една четвртина не се ниту вработени, ниту се во образовниот процес или на обуки. Но, сеопфатната трансформација на регионот не може да се случи без младите. Ако ризикуваме да го потрошиме нивниот потенцијал, го ризикуваме ‘моторот’ на одржливата регионална иднина“, додаде таа.
Според неа, ретко се пресметува економското влијание на менталните и нарушувањата во однесувањето, но и дека ретко се прават анализи за високиот економски товар на развојот на системот за грижа, кој треба да обезбеди услуги за оние кои се соочуваат со ментални проблеми.
Брегу посочи дека менталното здравје е приоритет за РЦЦ поради тоа што работат на социо-економската перспектива на Западен Балкан и на политики за подобрување на животот на граѓаните.
Со 13 регионални препораки ќе се подобрува менталното здравје на младите
Дводневниот настан во Тирана заврши со подготвување на 13 регионални препораки од млади и креатори на политики од земјите на Западен Балкан за подобрување на менталното здравје на младите.
Огњен Марковиќ кој е тим лидер на Младинската лабораторија за Западен Балкан вели дека замениците министри и директорите кои учествуваа на настанот и имаат одредена моќ, ќе ги пренесат препораките на конкретни политики, а кои генерално се однесуваат на превенција.
„Од друга страна, неколку регионални препораки се со институционална поддршка, така што во тој дел нè чека многу напорна работа на ниво на сите 6 економии и секако се надевам дека ќе имаме прилика следниот пат да ви претставиме и некои конкретни резултати“, вели Марковиќ.
Дополнително, тој вели дека ќе се следи имплементацијата на препораките.
„Сите тие активности кои излегоа од овие регионални препораки всушност се имплементираат со поддршка на Регионалниот совет за соработка со финансиска, логистичка и техничка поддршка, за сите тие препораки да се преточат во конкретни активности, односно конкретни нацрт-закони, измени на закони, дополнување и измени на стратегии, акциони планови, односно се она што на некое централно ниво влијае на младите луѓе во регионот“, додаде тој.
Од она што експертите ги препознале како најголеми проблеми, Марковиќ вели дека секако е и превенцијата.
„За жал можевме сите да чуеме и за случајот со јутјуберката од Србија која пред две ноќи изврши самоубиство поради тоа злоставување на интернет и токму, меѓудругото навистина ќе се трудиме да работиме и низ сите можни механизми да се осигуриме да имаме што помалку такви приказни, туку приказни каде младите луѓе навистина се здрави физички, но и психички“, рече тој.
Со дводневниот настан организиран во Тирана заврши официјалниот почеток на проектот на Младинската лабораторија, но не и на неговата имплементација која треба да продолжи во следните месеци.
Главната цел на Младинската лабораторија која е проект на Регионалниот совет за соработка е зајакнување на формалните и неформални механизми на младинско учество. Преку неа се очекува зголемена мобилизација на младите во креирањето политики и зголемено заедничко креирање на релевантни политики со младите.
Експерти од Западен Балкан бараат решенија за проблемите со менталното здравје на младите
Мартин Колоски