Неплатеното практиканство во разните индустрии, од модната до политиката, ги чинат младите луѓе повеќе од 1.000 фунти месечно во Лондон поради покачените кирии, покажува нова студија, пренесува Индепендент.
Образовната хуманитарна организација „Сутон Труст“ проценила дека 10 илјади млади влегуваат во неплатено практиканство неколку месеци по дипломирањето, а дека најпогодени од високиот животен стандард во главниот град на Велика Британија се семејствата со просечни или потпросечни примања.
Од организацијата изразуваат загриженост дека „значајните трошоци“ поврзани со неплатената пракса ги спречуваат професионалните кариери на многу млади луѓе кои се во понеповолна економска положба.
Според студијата, неплатеното практиканство за секоја личност чини повеќе од 1.000 фунти во Лондон и 827 фунти во Манчестер. Трошоците во двата града се зголемиле откако организацијата спровела слична студија во 2014 година.
Примери на неплатена практикантска работа која била огласена овој месец вклучува познат моден дизајнер кој бара работници за период од три месеци во пресрет на Лондонската модна недела, како и парламентарец кој нуди да ги покрива само трошоците за истражувач, се наведува во студијата.
„Околу 40 проценти од младите, кои биле на практиканство, не биле платени за тоа. Сите пракси подолги од четири недели треба да бидат платени најмалку со минималната плата од 7,5 фунти на час. Неисполнувањето на ова спречува младите од семејствата со просечни или потпросечни примања да добијат кариери во некои од најпосакуваните професии како новинарството, модата, уметноста или политиката“, објаснува Питер Лампл, директорот на „Сутон Труст“.
„Сите практикантски позиции треба јавно да бидат објавени. Голем број на практикантски работи никогаш не се огласуваат и наместо тоа се нудат преку неформални мрежи. Тоа претставува пречка за луѓето кои немаат вакви врски. Истовремено, процесот преку кој потенцијалните кандидати се избираат за практиканство треба да ги задржува истите стандарди како процесите за други вработувања“, додава тој.