Возачите во Велика Британија се фрустрирани затоа што со часови мораат да бараат бензин и да чекаат на бензинските пумпи откако се потроши горивото во поголемите градови, бидејќи нема доволно возачи на камиони, па Владата донесе одлука да ја стави армијата во состојба на готовс, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Министерот за бизнис, енергија и индустриска стратегија Кваси Квартенг денеска изјави дека ограничен број возачи на камиони од армијата се ставени во состојба на готовност за да можат да пренесуваат гориво доколку е потребно.
„Не можам да верувам, ова е лудо. Велат дека нема недостаток, но мислам дека сега сите се во паника“, рече Дејвид Скејд, 33-годишен доставувач, кој со часови бараше гориво во Лондон.
На некои бензински пумпи настанаа и расправии.
Британската медицинска асоцијација соопшти дека здравствените работници треба да имаат приоритет во купувањето бензин за да можат да работат.
Земјата во последните неколку седмици е во хаос бидејќи недостатокот на возачи на камиони предизвика прекини во синџирот на снабдување, а зголемените цени на гасот на големо ги доведоа енергетските компании на раб на колапс.
Цените на енергијата за домаќинствата и целиот спектар на производи за широка потрошувачка се очекува да растат.
Владата, енергетските компании и бензинските пумпи посочуваат дека има доволно залиха на гориво, но недостатокот на возачи и паничните набавки го исцрпија системот.
Во делови од земјата, 50 до 90 отсто од бензинските пумпи останаа без бензин, според информациите на секторското здружение ПРА, кое застапува 65 отсто од 8.380 бензински пумпи.