Познатиот британски уметник Дејвид Шригли рециклираше 6.000 копии од бестселерот „Кодот на Да Винчи“ од Ден Браун и од истиот материјал направи илјадници изданија на книгата „1984“ од Џорџ Орвел.
Проектот наречен „Pulped Fiction“ (рециклирана фантастика) Шригли го најави уште во 2017 година, поттикнат од објава на добротворна библиотека „Оксфам“ во градот Свонси која во излогот ставила куп примероци од „Кодот на Да Винчи“ со порака да не се донираат повеќе примероци од оваа книга бидејќи имаат повеќе отколку што можат да продадат.
Во уметничкиот проект Шригли набавил 6.000 „непосакувани“ примероци од трилерот на Ден Браун, ги уништил, а од рециклираната хартија направил специјално издание на култниот дистописки роман „1984“.
Овој викенд вкупно 1.200 примероци на ова специјално издание на Орвеловиот класик ќе се продаваат во истата добротворна продавница во Свонси по цена од 495 фунти, а секоја книга доаѓа со потпис на Шригли и со реден број на книгата. На страниците уште можат да се видат мали фрагменти од оригиналниот текст.
Фил Броудхрст, кој е менаџер на добротворната библиотека, вели дека се` уште се сеќава точно што се случило во 2017 година.
„Во тоа време имавме една донација во која добивме многу повеќе примероци на „Кодот на Да Винчи“ отколку што можевме да продадеме. Книгата беше огромен хит неколку години претходно, а потоа сите се ослободуваа од неа кога ги чистеле полиците. Па направивме еден куп од овие книги во излогот, со порака на која пишуваше – Да, можете да ни дадете уште еден примерок од „Кодот на Да Винчи“, но попрво би сакале ваша грамофонска плоча“, се присетува тој.
Сликата од излогот се прошири на социјалните мрежи и медиумите па така стигнала и до уметникот Шригли.
„Ја прочитав таа сторија во Телеграф и тоа ми ја разбуди фантазијата. Си помислив – ги сакам. Не, знам зошто, но ги сакам. И потоа почнав да собирам примероци од „Кодот на Да Винчи“ колку што е можно повеќе“, вели уметникот.
Тој собрал повеќе од 6.000 примероци од книгата, па потоа почнала дилемата што да прави со сите тие книги.
„Тогаш ја препрочитував „1984“ и сфатив дека Џорџ Орвел умрел во 1950 година, па во 2020 година беше 70-годишнината од неговата смрт. Тоа значи дека сите негови дела се веќе јавна сопственост, односно секој кој сака може да ги печати неговите книги“, вели тој.
Шригли сфатил дека има можност да ги претвори сите тие непосакувани копии од „Кодот на Да Винчи“ во „1984“.
„Не станува збор за литературна критика. Одлуката тоа да биде „Кодот на Да Винчи“ беше веќе направена од Фил во добротворната библиотека „Оксфам“. Моја беше одлуката да ја претворам во „1984“, бидејќи сметам дека е важна книга која луѓето треба да ја прочитаат“, објаснува Шригли.
Орвеловата „1984“ е сместена во дистописко тоталитарно општество, во кое партијата го контролира секој дел од животот на луѓето, манипулирајќи ги нивните мисли и бришејќи ја нивната индивидуалност. Приказната го следи Винстон Смит, човек кој започнува внатрешен бунт против репресивниот систем ризикувајќи го животот во потрага по слобода и вистина. Во овој роман, кој се смета за еден од најважните на сите времиња, за првпат се појавуваат фразите како „Големиот Брат“ или „Соба 101“. Делото е релевантно и денеска, повеќе од седум децении по неговата првична објава.
Уметникот вели дека од продажба на овие специјални изданија од книгата дел од профитот ќе биде дониран на библиотеката „Оксфам“.