БРО: Донесени наставните програми за прво одделение

Првачињата во новата 2021/2022 учебна година ќе учат по новите наставни програми што денес ги донесе Министерството за образование и наука на предлог на Бирото за развој на образованието.

Наставните програми изминатиот период беа изработени од работни групи формирани од Бирото за развој на образованието, составени од советници, наставници од основните училишта и универзитетски професори.

„Во текот на целиот процес на изработка на програмите, работните групи се консултираа и со експерти од области на коишто се темели новата Концепција: родовата еднаквост, инклузивноста и мултикултурализмот, како и за заштитата на животната средина, почитување и заштита на правата и слично. Целата работа на работните групи беше координирана и водена од дел од експертите кои ја подготвуваа Концепцијата за да се обезбеди усогласеност на наставните програми со Концепцијата и со сите стратегии и пристапи на настава и учење коишто се промовираат со неа“, информираат од Бирото за развој на образованието.

Оттаму посочуваат дека новите наставни програми за прво одделение се изработени врз основа на Националните стандарди донесени од страна на Министерството за образование и наука во февруари оваа година, а подготвувани од БРО во изминатите две години.

Во програмите се наведуваат Националните стандарди, базирани на компетенции, коишто учениците почнуваат да ги стекнуваат од прво одделение, а продолжуваат да ги развиваат во наредните одделенија.

„За секоја тема/подрачје од наставните програми се предвидени резултати што секој ученик треба да ги постигне, преку усвојување на наведните содржини и поими, а наставникот ќе ги следи и вреднува постигањата наученикот преку дадените стандарди за оценување (кои опфаќаат најмалку четири нивоа на когнитивни постигања на учениците, согласно Блумовата таксономија: познавање, сфаќање, примена и анализа/евалуација/креирање). Стандардите за оценување ќе придонесат кон објективност и транспарентност во оценувањето и ќе им помогнат на наставниците во определувањето и оформувањето на критериуми за оценување“, велат од БРО.

Наставните програми стваат акцент на активното учество на ученикот и даваат насоки како наставникот треба да ги организира и реализира активностите на часот, преку експерименти, истражувања, решавање проблеми, дискусии со учениците.

Од БРО најавуваат дека продолжуваат со креирање на наставните програми и за другите одделенија на основното образование, како и со обука на наставниците и изработување на наставни материјали и дидактички насоки.