Ниту еден наставник нема да остане без работа, затоа што при изработката на новиот наставен план и застапеноста на задолжителните и изборни предмети, особено внимание е посветено на ангажираност на постоечкиот наставен кадар и искористување на капацитетите со кои што располага секое училиште, тврдат од Бирото за развој на образованието (БРО).
Преку соопштение тие посочија дека наставниците ќе бидат ангажирани за реализација на наставата, а особено за како што велат, креирање на соствена листа на изборни предмети и за изработување наставни програми од интерес на учениците.
„Исто така, ќе бидат ангажирани во реализација на општествено-хуманитарната работа со учениците и воннаставните активности. Иако фондот на часови е намелен по одредени наставни предмети (музичко и ликовно образование), преку изборните предмети и воннаставните активности наставниицте кои ја изведуваат наставата ќе имаат дури и повеќе часови отколку што имале до сега. Според анализите на БРО ќе има и потреба од ангажирање на нови наставници. Целото ангажирање на наставниците ќе биде вреднувано, како преку нивниот кариерен развој, така и преку зголемениот обем на работа (доколку се ангажирани за реализација на различни активности во училиштето)“, се додава во нивното соопштение.
За сите новини, наставни програми и други активности, од БРО посочуваат дека ќе бидат подготвени нови учебници, наставни материјали и прирачници. Од БРО, во меѓувреме додаваат дека на наставниците ќе им овозможат континуирана обука и поддршка за планирањето, организирањето и реализацијата на наставата, како и за сите предвидени активности во училиштето,
Оттаму велат дека предлог-текстот на Концепцијата за основното образование, на која тие работеле по увидувањето на потребата за телемни реформи во образовниот процес, ќе биде дадена на јавна расправа, и најавија дека сите засегнати страни ќе можат со свои предлози да учествуваат во подобрување на овој концепт.
„Имплементацијата е предвидено да отпочне од учебната 2021/22 година со учениците од прво и шесто одделение, по усогласување на концепцијата и наставните програми со сите релевантни чинители. По донесувањето на Концепцијата ќе следи изработка на наставни програми за сите одделни наставни предмети. Овој процес, како и до сега, ќе биде транспарентен и инклузивен. Во него ќе учествуваат универзитетски професори и наставници од практиката кои заедно со претставници од Бирото, ќе ги развиваат наставните програми“, се вели во дописот на БРО.
Предлог наставниот план предвидува изучување на нови интегрирани наставни предмети, велат од БРО и додаваат дека тоа не значи укинување на одделните научни дисциплини, како историја, географија, граѓанско образование.
„Напротив, тие ќе бидат изучувани преку нови пристапи што подразбираат интеграција и интердисциплинарно изучување прилагодено на возраста на учениците“, се додава во соопштението.
Оттаму ги повикаа наставниците да ја дадат поддршката на предвидените реформи, велејќи дека само преку нови, креативни пристапи ќе успеат заедно да дадат нов квалитет на основното образование.
„Ние, како институција ќе ги вложиме сите напори да успее предвидената реформа, но очекуваме, како и до сега, посветеност, доверба и соработка од наставниците. Образованието мора да биде заеднички интерес на сите во државата, без оглед на етничката, верската, политичката, родовата или која било припадност. Да се обидеме интересот на децата и нивното задоволство од учењето и престојот во училиште да не поврзе и да работтиме за доброто на сите ученици“, порачуваат од БРО.
Дописот на БРО доаѓа по вчерашното начелно претставување на новата Концепција за основно образование кое го презентираше министерката за образование и наука Мила Царовска. Една од најголемите новини во наставниот план, како што посочи таа, се однесува на комбинирање на повеќе предмети во нови, со што би се намалил бројот на часовите.