Светскиот ден на поезијата се одбележува на 21 март, а по тој повод во земјава се организираат бројни поетски, книжевни и културни настани за сите генерации поети.
Утрешниот ден во Скопје започнува со свеченото прогласување на добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“ во рамки на Струшките вечери на поезијата. Прес-конференцијата ќе се случува во просториите на Македонската академија на науките и уметностите од 11 часот.
Дирекцијата на Струшките вечери на поезијата подоцна организираат поетско читање во Спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга на кое ќе настапат истакнати поети од Струга, Вевчани, Охрид, Кичево и од
Скопје, а ќе бидат прочитани и песни од добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“ за 2024 година. Читањето ќе биде од 18:30 часот.
Во просториите на Европската куќа во Струга (Europe House Struga) утревечер ќе се случува поетско читање за млади – „Пулсот на поезијата“ на кое ќе читаат млади поети од различни градови. По тоа ќе има концерт на Пијан Славеј.
Книжевниот клуб Куманово на 23 март (сабота) го организира настанот „Во друштво на поетите“ во кафе-книжарницата „Букси“ во Куманово. На настанот кој ќе започне во 12 часот свои стихови ќе читаат Христина Кочовска, Христијан Илиевски, Александра Илиева, Розе Укоска, Кристина Ставревска, Магдалена Петровска, Марија Колевски, Софија Величковска, Анастасија Анѓеловска, Даниела Ефтимова, Јована Лазаревска, Андреј Трајковски, Кристијан Блажевски, Бојан Димовски, Христијан Мурџески, Соња Милошоска и Рената Пусоска.
„Напиши стих – купи кафе“ е настанот што ќе се случува утре (21 март) од 10 до 12 часот во Прличевата одаја во Градската библиотека „Григор Прличев“ во Охрид.
„Тоа е наш обид да ги натераме луѓето да бидат креативни, да размислуваат не само локално туку и глобално и за себе и за другите, на еден посебен начин. Оваа иницијатива е почната во 1999-та година, кога УНЕСКО во Париз го прогласи 21 Март за Светски ден на поезијата, а ние веќе петта година како Установа го организираме настанот, во Охрид“, велат од библиотеката.
Оттаму додаваат дека сите се добредојдени да учествуваат, а во библиотеката ги чека топло кафе и парче хартија на кое може да се напише своја или да се цитира нечија мисла.
Утре во Скопје Сити мол е отворањето на настанот „Денови на поезијата“ кој ќе трае до недела (24 март). Настанот ќе го отвори актерот Никола Ристановски со интерпретација на стихови Кочо Рацин, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски и Влада Урошевиќ во 18 часот.
Потоа за нив ќе говори професорката Весна Мојсова Чепишевска, а тоа ќе го проследат препеви на поезијата на Ацо Шопов на повеќе јазици.
По официјалното отворање, на 23 март од 18:30 во книжарницата Литература.мк ќе се случи настанот Диптих #1: Владимир Мартиновски и Марија Велинова. Истиот ден од 19:30 во Литература.мк 10 млади поети застапени во „Ново раѓање на зборот – антологија на младата македонска поезија“.
Во недела (24 март) од 17:30 во Литература.мк ќе се случи настанот Диптих #2: Јовица Ивановски и Викторија Ангеловска, а потоа од 18:30 „Скопје СИ ТИ: Поетско читање за млади на тема урбана поезија“ на кое ќе настапат Јулија Ангелова, Андреј Анѓеловиќ, Виктор Бучковски, Иво Донев, Марко Иван Кочишки, Нино Наумовски, Дарио Постоловски, Теодора Прокоповска, Михаела Стефановска, Методија Тасевски, Крсте Трифунов и Розе Укоска.
Настанот го организираат Сити мол, Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература, „ПНВ Публикации“ и младинското здружение „Култура бета“.