Вкупно 6907 студенти ги завршиле своите додипломски студии минатата година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Во споредба со 2019 година, бројот на дипломирани студенти е намален за 12.3 %.
Минатата година, вкупно 5056 од студентите дипломирале на државните високообразовни установи, а 1831 завршиле на приватните универзитети, додека 20 студенти дипломирале на верските факултети.
Најмногу дипломирани има на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје. Овде минатата година дипломирале вкупно 2624 студенти, од кои преовладува бројот на дипломирани економисти, но и на студенти од Филозофскиот факултет.
Втор по бројот на дипломирани студенти е Универзитетот во Тетово, каде дипломирале вкупно 1041 студент, со тоа што овде покрај медицина, најмногу дипломирале и од правните науки.
Трет на листата се најде Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде вкупно дипломирале 736 студенти. Најмногу дипломирани студенти на овој универзитет има по медицина и туризам и угостителство.
На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, пак, лани дипломирале вкупно 501 студент. И овде најголем број дипломирани студенти доаѓаат од туризам и угостителство, но и од економските студии.
На Универзитетот „Апостол Павле“ во Охрид дипломирале 53 студенти, од кои најголем број биле студенти на Факултет за компјутерски науки и инженерство.
На Универзитетот „Мајка Тереза“ дипломирале 20 студенти, од кои повеќето студирале на Факултетот за социјални работи.
Според податоците на ДЗС, од вкупниот број дипломирани студенти 81.9 % се редовни, а 18.1 % се вонредни студенти. Процентот на дипломирани студентки, пак, изнесува 59.5 %. Од вкупниот број студенти, 37 % дипломирале во рокот, додека 63 % дипломирале по рокот.