Конфликтите и насилството во Судан, Газа и Конго го зголемиле бројот на внатрешни раселувања, покажува новото истражување на Центарот за следење на внатрешни раселувања (ИДМЦ).
Според истражувањето, до крајот на 2023 година внатрешно се раселиле околу 75,9 милиони луѓе. Од нив, 68,3 милиони се раселени поради конфликти и насилство, а 26,4 милиони поради природни катастрофи.
Александра Билак, директорка на ИДМЦ смета дека големата бројка на раселени луѓе се должи на тековните но и на претходните конфликти, насислства и природни катастрофи.
„Во текот на изминатите две години, видовме нови големи групи на луѓе кои беа принудени да ги напуштат своите домови поради конфликти и насилство, дури и во региони каде што трендот се подобруваше. Пустошот што го остава зад себе конфликтот спречува милиони луѓе да си ги обноват своите животи“, рече Александра Билак.
Податоците покажале дека во изминатите пет години, бројот на луѓе кои внатрешно се раселиле поради конфликти и насилство е зголемен за 22,6 милиони, или 49 отсто.
Најголем пораст на бројот на раселени лица има во 2022 и 2023 година.
Во 2023 година во Појасот Газа внатрешно раселени биле 1,7 милиони Палестинци, додека во Судан раселени биле околу 6 милони луѓе.
Покрај конфликтите и насилствата, втора причина за внатрешно раселување се природните катастрофи. Поплавите, бурите, земјотресите, шумските пожари и другите катастрофи предизвикале 26,4 милиони раселувања во 2023 година.
„Ниту една земја не е имуна на раселување при катастрофи. Но, можеме да видиме разлика во тоа како раселувањето влијае на луѓето во земјите кои се подготвуваат за неговите влијанија и оние кои не го прават тоа. Оние кои ги разгледуваат податоците и прават планови за превенција, се многу подобри,“ рече Александра Билак.
Од 26,4 милиони принудно раселени поради катастрофи, третина биле во Кина и Турција поради големите поплави и земјотреси.