Политичари во Либија побараа итна истрага од јавниот обвинител поради катастрофалните поплави во кои загинаа десетици илјади луѓе, меѓу кои и проверка на обвинувањата дека локалните власти вовеле полициски час ноќта кога бурата ја зафати земјата.
Либиската Црвена Полумесечина информираше дека досега загинале повеќе од 11 илјади луѓе, додека уште 20 илјади се водат за исчезнати. Според нив, речиси 2.000 тела биле однесени во морето од поплавите.
Властите во крајбрежниот град Дерна, кој беше најпогоден од поплавите, веруваат дека во катастрофата загинале 20 илјади луѓе.
Повиците за истрага дојдоа од двете страни на поделената држава, која во моментов има источна и западна власт и администрација. Од шефот на Претседателскиот совет на Либија, Мохамед ал-Менфи, кој го контролира источниот дел на земјата, како и Абдел Хамид Дабаиба, кој е привремен премиер на владата со седиште во Триполи.
Ал-Менфи изјави дека сака истрага со која ќе се утврди одговорноста на секој кој направил грешка или не презел акции кои резултирале во рушењето на браните во Дерна.
Додека Либија е под власт на паралелни администрации со години, јавниот обвинител Ал-Сидик Ал-Сур е еден од ретките функционери кој има надлежност над целата држава.
Јавноста е бесна поради наводите од граѓанската војна во 2011 година овие две брани во Дерна не биле одржувани и дека властите ги занемарувале предупредувањата дека браните се наоѓаат во лоша состојба. Дополнително револтирани се и поради наредбите кои ги давала полицијата и безбедносните служби ноќта кога се случила бурата.
Во 2007 година за санација на браните била ангажирана турска компанија, која ја напуштила Либија во 2011 кога започнаа борбите и оттогаш се немаат вратено. Дел од сумата од 39 милиони динари, која била издвоена за поправки на браните во 2003 потоа била повлечена од Министерството за вода. Откако турската компанија ја напуштила земјата нејзината машинерија била украдена, а градежните активности на браните биле запрени, според информациите кои биле споделени со Дабаиба на состанок во Министерството.
Дури во средата во Дерна стигна првата меѓународна помош, по неколку одлагања поради прекините во интернетот и непристапните патишта. При спасувачките операции биле спасени 39 луѓе од рушевините, вклучувајќи и цели семејства. Социјалните мрежи, како Фејсбук, се користеле за да се споделат локациите на оние на кои им било потребна помош.
Во земјата стигнаа спасувачки служби од Египет, Тунис, Обединетите Арапски Емирати, Турција и Катар. Најголемиот дел од нив веќе стигнале во градот. Турција, пак, испрати брод кој носи две монтажни болници, додека Египет испрати спасувачки возила кои помагаат во акциите.
Поради поплавите од Дерна се раселени најмалку 30 илјади луѓе, според податоци од Меѓународната организација за миграција, а водата уништи повеќе пристапни патишта. Локалните власти успеаја да расчистат дел од патиштата за хуманитарните конвои да можат да влезат во опустошениот град.