БРТ автобускиот систем во Скопје повторно неизвесен, сега проектот го закочија советниците

Советот на Град Скопје на вчерашната седница не даде согласност за воведување брз автобуски превоз (БРТ), со што иднината на овој проект, кој беше најавуван како решение за сообраќајниот метеж во градот, и понатаму е неизвесна.

На гласањето иако 19 советници беа „за“, а двајца гласаа „против“ и двајца беа воздржани, дел од советниците, претежно од ВМРО-ДПМНЕ, одбија да гласаат, со што оваа точка не го доби потребното мнозинство.

На почетокот на месецов од Град Скопје најавија дека ќе започне со реализација Системот за брз автобуски превоз (БРТ) откако претходно две години немаа јасен став дали овој проект, почнат од претходната градска администрација, ќе биде напуштен или ќе продолжи да се имплементира. Новата одлука на Советот значи дека реализацијата на БРТ системот и понатаму ќе биде стопирана.

Дел од советниците од ВМРО-ДПМНЕ својата одлука да не гласаат ја образложија со тоа дека немале доволно информации за проектот, додавајќи дека треба да бидат одговорени повеќе прашања пред да донесат став.

„Се дискутира за предлог-одлука составена од три члена, во која првиот член вели – ќе се склучи договор, вториот член вели – се овластува градоначалникот да го потпише договорот и третиот член вели – влегува одлуката во сила во Службен гласник. Ништо повеќе од тоа. Ниту знаеме што е тоа брз автобуски превоз, каков е проектот, кој е тој проект, истиот ли е од порано, ниту ни е ставен на увид тој фамозен договор од членот 1 на кој треба да дадеме согласност. Кои се страните во договорот, кои обврски ги има Градот, кои обврски ги има Министерството, дали ЈСП ќе биде надлежна, дали ќе се формира ново претпријатие. Никакви услови не знаеме и немаме поим што е договорот“, рече советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски.

За советниците кои ја поддржаа одлуката, станува збор за важен проект за развој и решение за сообраќајните проблеми на главниот град.

„Денес сме исправени пред голема одлука како членови на Советот, бидејќи станува збор за еден капитален, модерен проект, кој со нашето гласање или не гласање можеме да оставиме печат во работењето на Градот Скопје. Тоа е решението, ние 2 години се залагаме проектот да продолжи, бидејќи прави ревизија на сите автобуски линии. Затоа што од Ѓорче Петров до Ново Лисиче ќе се стига за 35 минути. Затоа што од Карпош до Центар ќе се стигнува за 5 минути. Затоа што мене лично, а и другите граѓани кои најчесто го користат својот автомобил, ќе не` стимулира да ја поминам „Партизанска“, да се качам на БРТ, и да стигнам на работа за 5 минути. Овој проект е високо оценет од ЕБРД. Се` што треба ние овде денеска да направиме е да го поддржиме, или да не го поддржиме. Но, да знаете, дека денеска во Советот ќе се знаат многу работи – или ќе продолжиме да го блокираме Скопје и да го заглавуваме уште повеќе, или ќе се обидеме да излеземе од партиските матрици сите ние и ќе го изгласаме проектот“, рече Гордан Шутаров, советник од СДСМ.

Како што претходно соопштија од Град Скопје, БРТ проектот подразбира изградба на два нови терминали, на транспортни центри, обезбедување на непречено сообраќање на автобусите, како и набавка на нови еколошки автобуси кои користат ЦНГ.

Новиот систем е предвидено да има две линии кои ќе го поврзуваат градот по линија исток-запад (од Ѓорче Петров до Ново Лисиче) и север-југ (од Бутел до Пинтија), а двете линии ќе се преклопуваат во центарот на градот. За реализација на проектот треба да се користи заем од Европската банка за обнова и развој од 70 милиони евра.

БРТ системот за јавен транспорт беше проект на претходниот градоначалник Петре Шилегов, кој пред повеќе од две години го потпиша договорот за таканаречениот „трамвај на тркала“. Тогаш беше планирано дека најдоцна до крајот на 2024 година треба да профункционира линијата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, додека втората линија би се пуштила во употреба во 2025 година.