Бруно Делбонел е добитникот на „Златна камера 300 за животен опус“ на јубилејното 45. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

Францускиот и светски кинематограф Бруно Делбонел е добитникот на наградата „Златна камера 300 за животен опус“ на јубилејното 45. издание на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ кој ќе се одржи од 21 до 27 септември во Битола.

„Бруно Делбонел е најновиот член во лубот на великаните на ‘Браќа Манаки’. Изодувајќи го патот на лауреат на ‘Специјалната Златна Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност’ што фестивалот му ја додели во 2011 година, по 13 години Делбонел им се придружува на светските кинематографски великани, сега закитен со ‘Златна камера 300 за животен опус’“, велат од организацијата на фестивалот.

Кинематографот првпат е номиниран за оскар во 2002 година за филмот „Необичната судбина на Амели Пулен“, но пред тоа во 2001 година на фестивалот во Карлови Вари го освоил „Кристалниот глобус“ за овој филм.

„Тоа во аналите на овој фестивал останува како најголемо откритие на дело од француската кинематографија, а организаторите на Кан ги остави разочарани поради сторениот превид, бидејќи пропуштиле тие да го лансираат овој антологиски авторски филм кој важи и за еден од најкомерцијалните“, појаснуваат од „Браќа Манаки“.

Како што додаваат оттаму, Делбонел со „Амели“ на 44 години достигнал светска слава и во овој филм креирал „визуелно маестрално ремек-дело, рефлектирајќи го бајковитиот, обично – необичен свен на Амели“.

Покрај номинацијата за Оскар, кинематографот за овој филм ги добил и номинациите за „БАФТА“, „ASC“ (Американсо друштво на кинематографери), како и за наградата „Цезар“, а ја освоил и наградата на „ЕФА“ (Европската филмска академија) за најдобар европски кинематографер.

Во 2005 година Делбонел повторно бил номиниран за Оскар за филот „Многу долга свршувачка“, а во 2010 година за „еден од визуелно најефективните филмови“ од серијалот за Хари Потер, „Хари Потер и полукрвниот принц“.

„Тој како диригент на оваа фантастична симфонија, супериорно ја контролира работата на камерите и колор атмосферата, со над 1000 стручни соработници во неизбежниот технолошки домен на специјалните визуелни ефекти и дигиталната анимација“, истакнуваат организаторите на претстојниот фестивал.

Наградениот кинематограф на овогодинешниот „Браќа Манаки“ има номинации за Оскар и за филмовите „Внатре во Левин Дејвис“, „Најмрачен час“ и „Трагедијата на Магбет“.

„Во сите три понови филмови номинирани за Оскар, Делбонел ја применува доку – играната визуелна структура својствена за неговите претходни дела, но со историски карактеристики на различни поднебја и периоди“, додаваат тие.