Фотографската изложба „Брутален град“ на Снежана Алексовска ќе биде отворена во четврток (26 октомври) во скопскиот локал „Бруталиск“.
Изложени ќе бидат 41 фотографија од бруталистичките и модернистички вертикали од македонските градови.
„За мене бруталниот град е повеќезначен наслов кој истовремено го допира сѐ уште доминантниот правец во нашата градска архитектура, особено во Скопје, но и студеноста и суровоста на градовите во кои живееме денес“, вели авторката.
„Брутален град“ е прва изложба на фотографии на Снежана Алексовска, која со фотографија се бави од својата младост, а веќе неколку години работи како кустос-советник и туристички водич во Националната установа спомен куќа на Мајка Тереза. Родена е во 1990 година и е дипломиран археолог. Таа е двократен победник на конкурсот „фотографија на неделата“ на Нова Македонија и нејзините фотографии „Мир и Слобода“ и „Меѓу Височините и Смогот“ се објавени на цели страници во печатеното издание на весникот во 2022 и 2023 година.
Изложбата ќе може да се погледне секој ден во наредниот месец, како што вели авторката, од пладне до полноќ.