Бугарскиот „АМАН“ дава резултат, владата во Софија предлага поевтина струја

До крајот на денот ќе биде одземена лиценцата на „ЧЕЗ“, чешката компанија кој врши дистрибуција на електричната енергија, соопшти бугарскиот премиер Бојко Борисов на вонреден брифинг во Советот на министри.

Бугарските протести даваат резултат, Владата со предлог за поевтина струја

Деновиве бугарските институции покрај „ЧЕЗ“  ја чешлаат и работата на  дистрибутивното претпријатие во сопственост на чешката фирма „Енерго-Про“ и австриската „ЕВН“. Сите тројца дистрибутери се на удар на критии во јавноста поради високите јануарски сметки за струја, кои предизвикаа протести на илјадници граѓани изминатите денови.

Бранот протести продолжува и денеска во Софија, а демонстрантите меѓу другото бараат и оставка од Владата, која според нив не успеала да се справи со последните случувања.

Бугарскиот премиер засега ја отфрла можноста за заминување од функцијата, но вчера се стресе столчето на министерот за финансии на Бугарија, Симеон Џанков кој си поднесе оставка.

Според најавите на бугарскиот премиер, кој беше силно притиснат од протестите и граѓанското незадоволство, од идниот месец треба да дојде до намалување на цените на струјата за околу 10%.

Што се случи во Македонија?

Граѓанските протести во Бугарија, се чини ги даваат првите ефекти врз цената на струјата. Во Македонија, пак, граѓанската иницијатива „АМАН“ и покрај собраните 13.169 потписи од граѓаните, заврши без успех.

Пред само една недела, пратениците во Собранието ги „закопаа“ барањата на „АМАН“  за поевтина дневна струја и укинување на плаќањето за парно кај граѓаните со исклучени радијатори. Во отсуство на опозицијата, против барањата на „АМАН“ гласаа 49 пратеници, 11 беа воздржани, а 4 гласаа за прифаќање на граѓанската иницијатива.

Претходно, кон крајот на летото 2012, бран протести за поевтина струја започна и во Македонија. Откако граѓанските барања не наидоа на никаков одговор од надлежните, од иницијативата „АМАН“ пристапија кон собирање на 10 000 потписи, кои според законот се предуслов за нивните барања да влезат во Собранието.

Од „АМАН“ и покрај првичниот неуспех велат дека немаат намера да се откажат од барањата. Најавуваат нови протести, а не ја исклучуваат ниту можноста за собирање на 150.000 потписи за распишување референдум на кој не пратениците, туку граѓаните ќе треба да одлучат дали ќе има намалување на цената на струјата и во Македонија.

Ј.Ј.