Царовска: Бојкотот на наставата ќе се одработува

Додека дел од матурантите ја бојкотираат наставата, Министерството за образование и наука (МОН) посочува дека постапката за органзиирање на матурата тече и дека во законски предвидениот рок повеќе од 14.000 матуранти пријавиле полагање државна матура.

Министерката Мила Царовска, денеска најави дека училиштата ќе треба да најдат начин за да се надоместат изгубените часови поради бојкотот на средношколците. 

Секое училиште си има начин да си ги надомести изгубените часови. Како и секогаш, кога немаат можност да спроведат часови, ќе се реорганизираат и ќе си ги спроведат“, одговори Царовска, пренесе Мета.мк.

Од МОН веќе соопштија дека државата има обврска да го оствари правото на матурантите да полагаат државна матура, заради тоа што таа е услов за запишување на факултетите во земјава и надвор. Од Министерството напоменаа и дека државната матура оваа година ќе се полага по скратена и променета методологија.

Од Сојузот на средношколци викендов соопштија дека одлучиле да продолжи бојкотот на наставата од страна на матурантите и следната недела.

Бојкотот на настава започна од самиот почеток на второто полугодие. Средношколците бараат да се намали бројот на предмети кои матурантите треба да ги полагаат во рамки на државната матура. Од четири предмети учениците да полагаат два предмети, и тоа мајчин јазик и втор предмет по избор на ученикот. Покрај ова, тие бараат МОН и Државниот испитен центар (ДИЦ) во март 2021 да објават и презентираат план и програма за тоа како ќе изгледаат скратените наставни програми и другите материјали за испитите.

Од Сојузот велат и дека ја разбираат потребата од државна матура, но како што посочуваат, пандемијата покажала дека образованието може да функционира и без нејзино одржување. Освен до Министерството за образование и наука, тие се обратија и кон Собранието и неговите пратеници за поддршка на нивните барања во врска со државната матура.