Тринеделниот зимски распуст ќе биде во редовниот период, согласно календарот на МОН, соопшти денеска министерката за образование Мила Царовска. Според неа, нема потреба од негово поместување бидејќи состојбата со Ковид-19 во земјата е стабилна.
Сепак, посочи дека во случај состојбата драстично да се промени поради ризикот од сојот омикрон, од МОН ќе ја разгледаат ситуацијата и заедно со Комисијата за заразни болести ќе донесат одлука.
Во однос на наставата со физичко присуство, Царовска смета дека досега покажала одлични резултати.
„Се почитуваат протоколите, се штити јавното здравје, а учениците имаат соодветни услови за учење во училиштата. Скринингот направен од Министерството за здравство покажа дека состојбата е стабилна. МОН дневно од сите училишта собира податоци и процентот на нови позитивни случаи не се зголемува повеќе од 0,3, а во последните недели не е ни повеќе од 0,02 проценти. Вкупно, во еден момент, активни случаи со КОВИД-19 кај ученици со физичко присуство во училиштата никогаш не надмина 0,3 проценти. Ова укажува на стабилност на состојбата и дека највисок интерес на децата во моментот е да бидат во училиште“, рече Царовска.