„Во тек е јавен оглас за вработување на 500 образовни асистенти кои ќе бидат поддршка на децата со попреченост вклучени во редовната настава“, најави денеска министерката за образование и наука, Мила Царовска.
Според Царовска, еден од главните приоритетни цели на МОН е новата учебна година да стартува со зајакнати капацитети и поддршка, со кои ќе обезбедат вклученост на децата со нетипичен развој во редовната настава.
„За таа цел во тек се јавни огласи за што во буџетот на МОН се веќе обезбедени 59 милиони денари, со што за првпат системски ги решаваме вработувањата на образовните асистенти. Образовните асистенти ќе имаат 24.000 денари месечна нето плата и ќе бидат вработени во петте основни училишта со ресурсен центар ‘Златан Сремец’ и ‘Иднина’ од Скопје, Завод за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор, глас и други проблеми во развојот ‘Кочо Рацин’ од Битола, ‘Климент Охридски’ од Ново Село и ОУРЦ ‘Маца Ѓоргиева Овчарова’ од Велес“, рече Царовска.
Министерката ги повика кандидатите кои ги исполнуваат условите да се пријават на огласите и да станат дел од современиот образовен систем кој, вели таа, нуди еднаков пристап за секое дете.
Претходно обуки беа најавени во април, сега Царовска вели дека сите образовни асистенти ќе добијат соодветна обука од обучени тренери во втората половина на месец август, а после нив и наставниот кадар каде ќе има вклучено деца со попреченост – ќе поминат обука за инклузивно образование.
„Исто така на Основните училишта со ресурсен центар им се доделени средства од 2.500.000 денари за набавка на опрема и дидактички средства во функција на поддршка на инклузивното образование“, рече Царовска, која денес имаше средби со национални инвалидски агенции, родители на деца со нетипичен развој, директори од основни училишта со ресурсни центри и Националниот координатор на телото за проценка по МКФ.
Од МОН соопштуваат дека, согласно Концепцијата за основно образование, учебниците за прво и четврто одделение ќе бидат печатени со брајова азбука, ќе бидат и во аудио формат, а некои, доколку има потреба, ќе бидат испечатени со поголем фонт на буквите. Исто така, развиен е и аудио читач кој ќе може да ги чита наставните материјали на македонски и на албански јазик.
„Оваа година исто така, обезбедувањето на пристапноста е задолжителен услов кој треба да се исполни за добивање на финансиски средства за адаптација, реновирање или изградба на училиште со средства од МОН. Дополнително на ова, во тек е реализација на Проект за непречен пристап во 14 образовни институции низ државата – 6 основни училишта, 4 средни и 4 факултети преку Акциската програма на 2019-ИПА 2 – EU for inclusion, за кој е подготвена техничката документација (проекти за адаптација) и очекуваме градежните активности да започнат во втората половина на 2021“, соопштуваат од МОН
Радио МОФ во април веќе пишуваше за образовната асистенција за учениците со нетипичен развој, како чекор кон инклузивно образование. Досега роковите кон услуга беа одложувани. Родители што уште на стартот од годината се пријавуваа за проценка во Службата (МКФ) – се уште немаат добиено термин. Односно, според Правилникот за побарување асистенти, досега проценките требаше да бидат завршени и мислења од ова тело во периодот од март до јуни да стигнат до училиштата, каде би се запишале атипичните деца во учебната 2021/2022.
Процесот вели – понатаму мислењатa се доставуваат до новите Училишта со ресурсни центри, кои досега функционираа како посебни училишта. Ваквите Ресурсни училишта ја спроведуваат постапката за побарување и селекција на образовните асистенти преку јавен повик, ја спроведуваат обуката и ги вработуваат асистентите.
Долг е патот додека образовната асистенција стане реалност за децата со нетипичен развој