Културниот центар „Бруталиск“ се вклучува во одбележувањето на јубилеј за Скопје со серија настани „Земјотресна Недела“. Започнувајќи со промоции на две книги, а завршувајќи со проекција на документарни филмови на денот на катастрофата, подготвена е и музичка викенд програма, како и тематско земјотресно издание на познатиот бар квиз на „Бруталиск“.
Во четврток, 20 јули во 20 ч. неделата започнува со промоција на антологијата „Скопски Раскази” и разговор со уредниците на изданието, додека во петок 21 јули, од 19 до 20:30 часот ќе се одржи едукативна работилница „Љубов голема колку Скопје“. Работилницата е за деца и млади во која преку различни забавни и креативни активности (игри со временски капсули, пишување на стари писма, разгледби на Скопје пред земјотресот) ќе го видат градот со поинакви очи.
„Работилницата ја води Александра Тодоровиќ која во својата истоимена книга веќе им го претстави градот преку една љубовна приказна. Искусна во ова што го прави, со многу успешни работилници зад себе, Александра ги води децата низ едно несекојдевно патување во времето“, велат од „Бруталиск“.
Музичката викенд програма почнува со Vanilla Friday сет на резидент диџеј Соња Исмаил, а Brutal Saturday е резервирана за Herzel кој за прв пат настапува во Бруталиск и тоа во неговата летна градина.
Познатиот бар квиз во соработка со Македонската Квиз Асоцијација ќе има свое 13-то издание во вторник 25 јули со прашања поврзани со скопскиот земјотрес. Учесниците треба да пријават тимови најдоцна до понеделник, а победниците по правило добиваат подароци од бутикот на Бруталиск.
Денот на земјотресот ќе биде одбележан со документарна филмска вечер „Скопје Сонува“ на скопската режисерка Дина Дума, како и неколку стари документарни филмови во продукција на МРТВ за скопскиот земјотрес ќе бидат проектирани за прв пат во летната градина во Дебар Маало на булевар „Илинден“ 38.