Веќе цела недела интернет страницата на Министерството за образование и наука (МОН) е недостапна за граѓаните откако викендов беше мета на хакерски напад од наводна грчка хакерска група.
Нападот се случи ноќта помеѓу петокот и саботата, а при преземањето на сајтот хакерите ги промениле содржините и сликите на насловната страница на сајтот mon.gov.mk. Сите објавени линкови воделе кон Јутјуб видео со наслов „Популарна Македонија“ (Famous Macedonia).
Од МОН за Радио МОФ велат дека се во комуникација со Националниот ЦИРТ центар за компјутерски инциденти при Агенцијата за електронски комуникации каде што е пријавен случајот.
„Оттаму очекуваме, со поддршка на МВР, да се преземат конкретни активности за пронаоѓање на локацијата и изворот на нападите. Во меѓувреме заедно со МИОА работиме на префрлање на страницата на нова платформа каде ќе биде подобро заштитена од евентуални нови хакерски напади“, ни изјавија од МОН.
Во врска со евентуална опасност по личните податоци на граѓаните, од МОН тврдат дека на сајтот не постојат никакви бази на податоци, бидејќи се работи за портал од информативен карактер.
„Во најголем дел конкурсите кои се објавени на www.mon.gov.mk, се објавени и на порталот e-uslugi.mon.gov.mk каде воедно и се аплицира електронски, на пример за сместување во студентски домови, за стипендии за студии во странство, за продолжување на ученички стипендии и слично“, посочуваат од МОН.
Сепак, додека за користење на порталот e-uslugi.mon.gov.mk е потребна регистрација, сајтот на МОН беше од отворен тип и секој граѓанин слободно можеше да пристапи до објавените информации и податоци. Дополнително, во речиси сите конкурси кои ги објавува МОН постои напомена дека конечните резултати ќе се објават на mon.gov.mk што во моментов е невозможно. На, пример, само последнава недела таму требаше да бидат достапни листите со примените студенти во студентските домови од втора и повисоките години, а на овој сајт треба да се објават и резултатите од аплицирањето за студентски домови на бруцошите.
На, нашето прашање што со оние граѓани кои имаат потреба да пристапат до овој тип податоци, од Министерството нè информираа дека за било какви други информации, кои во моментот не можат да ги погледнат на веб-страната, граѓаните можат да се обратат до Министерството и соодветно ќе им биде одговорено.
Ова не е првпат сајтот на МОН да се соочува со технички проблеми. Во август не беше во функција вебсајтот на Министерството, додека истовремено под хакерски напад беше системот за електронска поддршка iKnow на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Речиси постојано кога се објавуваат информации за студентски стипендии, или пак резултати од конкурсот за места во студентските домови, сајтот паѓа, најчесто поради големиот наплив на посетители. Последно сајтот падна минатата недела, кога беа објавени списоците од конкурсот за сместување во студентските домови за студенти од втора и повисоки години на студии во студиската 2022-2023 година.
Радио МОФ минатата година пишуваше дека никој дотогаш не одговарал за хакирањата на државни веб-сајтови и дека овие истраги постојано тапкаат во место поради проблемот да се дојде до вистинскиот идентитет на корисниците кои ги извршуваат нападите.
Даниел Евросимоски